Во Кинотеката на Македонија изминатата недела се одржа Неделата на бугарски документарни филмови. Во седумте вечери посветени на авторите од новиот документаристички бран на бугарската кинематографија, како и класичните автори, беа прикажани десет краткометражни и долгометражни наслови.
Станислав Дончев, Јордан Тодоров, Борислав Колев, Андреј Паунов, Светослав Стојанов, Коста Биков, Тонислав Христов, Елдора Трајкова, Панчо Цанков и Анри Кулев беа авторите на филмовите од оваа селекција. Продуцентката Мартичка Божилова, сценаристката Петја Александрова и филмскиот критичар и историчар на филмот Росен Спасов беа гости на оваа кинотечна програма и публиката имаше можност да разговара со нив по проекциите на филмовите.
Петја Александрова е филмска, медиумска и уметничка критичарка, историчарка и теоретичарка, професорка на Нов бугарски универзитет. Работела како уредничка во радио и телевизија и во неколку весници. Авторка е на четири монографии („Маките на титулата“, „Изгубени во гледањето“, „Преодни приказни за културата и комуникациите“, „Предности и предизвици на кратките форми“), голем број публикации во специјализираниот и периодичен печат, сценарија за телевизиски емисии („Понеделник осум и триесет“, „Ах, овие студенти“, „Магија на фенер“) и за документарни филмови („Карџали, лицата на пејзажот“, „Чувари на нашата совест“). Наедно, по завршувањето на првата филмска проекција на филмот „Стражарите на нашата совест“, Петја Александрова ја промовираше книгата „Бугарскиот посттоталитарен документарен филм“ на Теодора Стоилова-Дончева, која е и косценаристка на филмот.
Росен Спасов (Софија, 1987 година) во 2017 година докторирал на Институтот за уметностите при Бугарската академија на науките. Тој е филмски експерт во Одделот за меѓународни односи на Бугарскиот национален филмски архив. Активно пишува филмска критика за широк спектар печатени и онлајн медиуми, автор е на книгата „Целулоид, целулоза и облаци: Трансмедијални предизвици за филмската критика во Бугарија (1989 – 2021)“. Спасов продуцира и режира независни документарни филмови. Член е на Сојузот на бугарските филмаџии, Бугарскиот сојуз на новинари и ФИПРЕСЦИ.
Мартичка Божилова е филмска продуцентка и сопственичка на продуцентската фирма „Агитпроп“, а во оваа ретроспектива беше застапена со повеќе филмови. Со филмот „Не допирај ме“, во режија на Адина Пинтиле (неодамна прикажан во Кинотеката, во рамките на Неделата на романски филм), ја доби „златната мечка“ на фестивалот во Берлин.