На 15 јуни, во чудесниот амбиент на вилата „Златица“ во Љубљана, Словенија, именувана по саканата ќерка на најпознатиот љубљански жупан Иван Хрибар, е одржана промоцијата на словенечкиот превод на романот „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев (преведен под наслов „Шпегавец“). Во полниот салон во вилата, романот го претставија и за него разговараа професорката Намита Субиото, преведувачот на делото Роберт Суша и авторот Прокопиев, со помош на Соња Цекова-Стојановска, која консекутивно ги пренесуваше интересните дијалози во заемната жива комуникација со публиката, што продолжи по промоцијата во градината на вилата.
– Во романот „Ѕиркачот“ приказните на книжевните личности, скицирани претежно во груби потези со неколку истакнати детали, стануваат комплицирани и испреплетени. Еден од нив е авторот, кој измислува приказна за Ѕиркачот, главниот книжевен лик, самец средовечен човек, кој од досада и незадоволство од сопствениот живот, невротично талка низ градот (Скопје) и меланхолично ги оживува детските спомени и младоста – рече Намита Субиото на промоцијата на словенечкото издание.
Неколку дена пред промоцијата на третата програма „Арс“ на радио Словенија беше емитирано долго интервју со Прокопиев, кое го водеше младиот критичар Сашо Пуљаревиќ, а подоцна во печатена форма беше поставено на информативниот портал на РТВ Словенија.
– За мене и овој книжевен престој во Словенија беше извонредно организиран, облагороден со човечката топлина на промоторите и организаторите, што долго ќе ме грее и храбри – изјави писателот Александар Прокопиев.
Книгата излезе во издание на Форумот на словенски култури, во едицијата „Сто словенски романи“. Едицијата „Сто словенски романи“ се приближува до бројката од сто објавени наслови. Словенечкиот превод на романот „Ѕиркачот“ на македонскиот писател Александар Прокопиев доаѓа на полиците со книги во Словенија, во превод на словенечки како 97. книга од едицијата.
Александар Прокопиев е еден од најинтересните современи македонски прозаисти, а со литература се занимава и како научник и предавач на Институтот за македонска литература во Скопје и како уметнички директор на меѓународниот книжевен фестивал „Про-За Балкан“. „Ѕиркачот“ е краток роман од Александар Прокопиев, во издание на „Магор“, во 2007 година. Овој роман беше кандидат за книжевната награда „Балканика“ во 2007 година. Романот е преведен на српски, италијански и други јазици.