Музејот на современата уметност од Скопје го доби престижното специјално признание за креативност како кандидат од Македонија во рамките на доделувањето на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, која ја доделува меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, со седиште во Љубљана, Словенија. На свечената церемонија на врачувањето на наградите во Посавскиот музеј во Брежице, Словенија, присуствуваа многубројни гости и делегации од музеите кандидати, претседателката на меѓународното жири Неда Кнежевиќ, директорот на Музејот на Југославија од Белград, Србија, и директорката на Форумот на словенските култури, Андреја Рихтер.
Во името на МСУ, признанието го прими националниот претставник на земјава во „Форумот на словенски култури“, Гордан Николов.
За Музејот на современата уметност, комисијата во образложението за доделување на признанието истакна дека во последниве години овој водечки музеј и прв во областа посветен на модерната и современата уметност стана влијателна институција што негува креативност и соработка во интеркултурниот дијалог и дома и во странство.
– Новиот поттик што Музејот им го дава на широката дисеминација на уметничките колекции и на важноста на современото уметничко изразување демонстрира напредок и натпреварувачки дух со интензивно инвестирање во трансформацијата на неговиот просторен капацитет и презентација на колекциите и општествено одговорните проекти. Музејот порасна врз темелите на солидарноста, обележана со регионалните и меѓународните донации на важни уметнички дела што ги поттикнаа почетоците на формирањето на Музејот во 1960-тите години. Музејот успеа да создаде културна платформа за уметничка современа продукција – национална и меѓународна, промоција и истражување на сегашноста и идентитети што служат за обележување на промените во времето – се вели во одлуката.

Добитник на наградата за најдобар словенски музеј е Градскиот музеј во Вировитица, Хрватска, а беа доделени уште неколку други признанија. Наградата „Жива“ се доделува за промоција на заштитувањето, зачувувањето, едукацијата и информирањето за музејските збирки и за природните и културните споменици, нивната разновидност, содржина и социјална улога, нагласувајќи ги нивните креативни и прогресивни пристапи, отвореност и пристапност до јавноста, нивното влијание врз општеството и нивниот придонес кон развојот на музеолошките принципи и идеи. За наградата „Жива“ годинава се кандидираа рекорден број музеи, дури 34 од десет словенски земји.
Фондацијата „Форум на словенските култури“ е меѓународна организација, основана во 2004 година, по иницијатива од Словенија. Целите на организацијата се зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка афирмација на нивната култура во светот. Македонија, како една од земјите основачи на „Форумот на словенските култури“ (ФСК), преку Министерството за култура, од самиот почеток активно се вклучи речиси во сите иницијативи и активности на оваа еминентна организација, чија цел е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивно промовирање како трајни и универзални вредности во глобални рамки.