Програмскиот карван во Кинотеката на Македонија во јуни започнува со проекција на македонскиот филм „Лена и Владимир“, по сценарио на Александар Русјаков, а во режија на Игор Алексов. Она што особено ќе им го привлече вниманието на киносладокусците е премиерната проекција на новиот филм на Софија Копола, биографскиот „Присила“. Филмот, базиран на мемоарите на Присила Присли – „Елвис и јас“, се нурнува длабоко во комплексноста на нивната врска, претставувајќи наратив што е и интимен и рефлективен.
– Јуни, месец на липите. Месец на нивниот опоен мирис, кој се шири насекаде и не може да не се почувствува неговата миризба. Така некако со опојни квалитети ќе се одвива кинопрограмата во првиот месец на летото во Кинотеката, која како секое лето се сели на отворено во летното кино „Мирно лето“. Во програмскиот центар се пробија неколку содржини. Проекции на филмови со музички сензибилитет, веќе редовниот Филозофски филмски фестивал, ревија на португалскиот филм претежно од 1970-тите години, како и јубилејни проекции по повод стогодишнината од раѓањето на легендарниот и ненадминат американски актер Марлон Брандо – велат од Кинотеката.
Со особено задоволство најавуваат дека филмофилите ќе можат да ги видат уште еднаш, но овој пат на големото платно, музичките и рекламните спотови на нашиот – а светски квалитетен – филмски автор Милчо Манчевски. Музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни, туку и симболично богати.
– Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат, користејќи симболи и метафори што ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа, нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Со иновативни визуелни решенија, богата симболика и внимателна монтажа, Манчевски создава спотови што остануваат во меморијата на гледачите долго по завршувањето на песната. Токму затоа овие кратки форми добија повеќе награди кај нас и во светот – најавуваат од Кинотеката.
Концептуално, се продолжува со филмот „Д хип-брејнсторм“, во режија на нашиот познат музички документарист и филмски критичар Јане Алтипармаков. Ова ќе биде всушност круна на 30-годишнината од издавањето на култната музичка касета креирана од кумановските алтернативци „Д Хип“. Долгометражниот музичко-филмски проект е почестен со специјалната награда за музички филм од иницијативата „МАН – македонски алтернативни награди“.
– На ред е речиси тотален пресврт, но не сметано на квалитет туку на содржина и сензибилитет. Станува збор за годинашново издание на Филозофскиот филмски фестивал“. Овој фестивал ќе го карактеризираат и филмовите во кои, малку е да се рече главен лик, доминира филмската актерска легенда Марлон Брандо. Неговото специфично артистичко умеење ќе ги зашемети гледачите. Филмовите се по повод стогодишнината од раѓањето на великанот Брандо и се проектираат во оригинален, 35 мм формат – велат од Кинотеката.
Во дигитален формат е понудата на неколку филма од португалската кинематографија. Станува збор за ремастерирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби. Ова е несекојдневна можност да се видат вакви филмови, што бездруго ѝ е потребно на нашата кинопублика. Потребно е да се проследат и делата на кинематографиите што не ни се многу познати, како што е словачката. На самиот крај на првенецот на летото, месецот јуни, повторно музички креации во филмско пакување. Тие се во рамките на годинашното издание на фестивалот „Скопје синема сити“.