Андреј Волкашин, режисер

ТВ-серијата „Авантурите на една турбофолк-принцеза“, која е во продукција на ОХО, освои главна награда за серија во развој на 29. Сараевски филмски фестивал. Серијата во развој на авторите Андреј Волкашин и Петар Влчев го следи патот на шармантната и несмасна девојка Васка во остварувањето на нејзиниот сон да биде балканска музичка ѕвезда, потпомогната од нејзината избувлива менаџерка Ебони. Овој телевизиски проект, кој се развива во изминативе две години, годинава веќе имаше едно успешно претставување на Интернационалниот филмски форум во Будимпешта, каде што го привлече вниманието на продуценти и селектори на програми од Централна и Источна Европа.

Серијата „Авантурите на една турбофолк-принцеза“ беше наградена на Сараевскиот филмски фестивал, со што го освоивте жирито. Со какви критики се закитивте?
– На прв поглед во серијата е фасцинантно што се занимава со поп-културата на Балканот во нејзината локална манифестација наречена турбофолк. Мојата генерација порасна и сѐ уште живее со турбофолк, не само како музички стил туку и како животен стил, како систем на вредности. Лесни пари, брзи коли, стероидни мускули и силиконски гради… Го знаеме моделот, но дури и оние што го исклучуваат радиото кога ќе ја слушнат Карлеуша или Галена, живеат со таа филозофија. Тоа е во суштина глобален феномен. Поп-културата во денешно време ги има извишено желбите на индивидуалност, идејата дека секој од нас е центар на вселената, во култ. Светски поп-ѕвезди постојано нѐ бомбардираат со рефрени во кои се пее дека никогаш не е доволно и секогаш треба да бараш повеќе пари, повеќе љубов, повеќе секс, убавина и слава. Доволно е само да се спомнат Инстаграм и Тикток, за да се потсетиме колку современиот човек е жеден за слава и внимание. Тоа што е фасцинантно за нас како креатори, сценаристи и идни режисери на серијата (со колегата Петар Влчев од Бугарија) е како светската поп-култура еволуира во региони од светот што се во постојана политичка и економска криза. Што се случува кога Холивуд ќе го преместиш од булеварите со палми во Калифорнија во полињата со овци на Македонија? И што се случува со оние што немаат ништо, а се маѓепсани од тој сон?
Во која фаза е серијата, што останува за да се спакува во финален производ?
– Серијата е во фаза на развој, што значи дека сѐ уште се гради приказната и се изјаснува динамиката меѓу ликовите. Додека стигне до екраните нѐ чека долг пат, но секој чекор од тоа патување е исполнет со многу креативност и големо задоволство.
Какво е сижето на серијата и каков свет ни доловува?
– Светот на кој се концентрираме се малите села и градови низ Македонија, кои се исполнети со контрасти – од една страна сиромаштија, корупција, суеверија и тврдоглави традиции, а од друга живописна природа, топлина, срдечност, љубов, песна и забава. Приказната започнува во едно такво зафрлено македонско село, со наивната, шармантна и искрена до болка Васка, која има прекрасен глас и желба да биде ѕвезда, но е убедена дека тоа е невозможно. Вечерта пред свадбата ги помешува шишињата со пестицид и ракија и случајно го отрува својот свршеник. Трауматизирана, таа бега од погребот и скитајќи низ нивите стигнува до блискиот мотел, каде што сѐ е подготвено за нејзината свадба. Таму Васка го среќава својот најголем идол Курајма, легендарна српска турбофолк-пејачка. Курајма е трогната од трагичната љубовна приказна на Васка и ѝ дава покана да учествува на „Балкавизија“, најголемиот натпревар за турбофолк-хит на Балканот. Одовде почнува комичното, но и често трогателно патување на Васка кон славата.
Серијата го следи животот на Васка, каква порака ни носи нејзиниот лик?
– Во суштина ликот на Васка ни вели дека треба да го најдеме вистинскиот глас внатре во нас и да го слушаме. Живееме во општество што од моментот во кој се раѓаме, па додека сме живи ни кажува какви треба да бидеме, што треба да сакаме, што треба да мразиме, кои сме ние и што можеме да постигнеме. Васка тргнува да ја бара својата среќа на погрешни места, но по патот успева да се најде себеси и да сфати што е тоа што навистина ѝ треба. Многу често ликовите како Васка ги гледаме со потсмев и потценување, ама исто така немаме никаква емпатија кон ситуацијата што ги изградила нивните слабости и нивните желби. Во суштина преку Васка, како и другите ликови во серијата, со Петар Влчев сакаме да зборуваме за нешто многу важно – а тоа е дека и бедните, маргинализираните и отфрлените имаат право да сонуваат и да ги следат своите соништа.
Неодамна одржавте мастерклас за развој на серии, на што им укажавте на учесниците?
– Една од првите работи што треба да се дефинираат кога се работи на концепт за серија е да се пронајде генераторот за приказни. Тоа е обично неразрешлив конфликт, кој се наоѓа или во светот во кој е сместена приказната или внатре во главниот лик. Точно тоа е таа енергија што може да произведува приказни што ќе го држат вниманието на гледачите со години. Исто така зборувавме за тоа како да се работи во таканаречената сценаристичка соба, односно во екипа на сценаристи, што мислам дека е посебно важно да почнеме да го применуваме кај нас во Македонија.
Како ја опишувате работата на развој на серија?
– Сериите навистина му даваат простор на сценаристот да си ги рашири крилјата, бидејќи креативноста таму е безгранична. Исто така, за разлика од пишувањето авторски игран филм, серијата е колективен труд, каде што продуцентите и косценаристите придонесуваат да се најде најдобриот аспект од приказната и да се искористи драматуршкиот максимум од секоја ситуација. Крајот на серијата речиси никогаш не е дефиниран однапред, што значи дека пишувањето серија е вистинска авантура, како да тргнеш на патување со јасна насока, но немаш поим каде ќе стигнеш на крајот.
Какво е вашето искуство од работа на серии, со што се е богато вашето портфолио?
– Покрај „Авантурите на една турбофолк-принцеза“ во продукција на Пеце Талевски (OXO), работам на развој на научнофантастичната хорор-серија „Да умреш од среќа“, со продуцентката Ан-Кетрин Еихер од Германија. Друг проект што морам да го спомнам, иако не е серија, е „Слатката горчина на зрелите калинки“, мојот дебитантски игран филм, со продуцентката Елена Станишева, кој е во завршна фаза на претпродукција.