Во Музејот на современата уметност – Скопје се отвори шестата по ред меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“. Кураторкa на изложбата е Јованка Попова. Уметници чии дела се изложени во поставката се: Дарко Алексовски (С. Македонија), Мерием Бенани (Мaроко/САД) и Ориан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија Прокопиев (С. Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (С. Македонија), Дриант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија).
Фокусот на уметниците, пресликан во делата е потрага по заемни мрежи на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност, со намера да го отстранат прекаријатниот општествено конструиран дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и историски неправди.
– Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања, вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Ставен е нагласок на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво – вели кураторката Попова.
Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние што допрва доаѓаат. Во она што се нарекува шок од антропоцентричност, уметниците размислуваат за генерирање нови политички аргументи, нови наративи, нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање, за итно преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од воспоставените стандарди за вреднување и однесување. Како резултат на тоа, изложбата има цел да го истражи „колаборативниот опстанок“ развиен преку уметнички дела во кои антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив за преживување, следејќи различни форми на поврзување, зависности и симбиози за заемно спасување. Истовремено ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на емоциите, политиката, екологијата и заедницата.