Фото: ЕПА

Се враќам дома, се враќам во Канзас сити, но што е уште поважно за мене, се враќам во организација што има јасна визија за тоа како ќе изгледа овој тим и јасна визија за патот до каде треба да оди овој тим, рече Андоновски, кој со поранешниот клуб од тој град, ФК Канзас сити, освои титули во 2014 и во 2015 година

ФУДБАЛ – САД

Поранешниот селектор на женската репрезентација на САД, Влатко Андоновски, е нов тренер на Канзас сити карент на Националната женска фудбалска лига на САД, преземајќи го тимот што стигна до финалето пред една година, но го освои 11-то место од 12 екипи сезонава, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Канзас сити карент е замена за ФК Канзас сити, кој со Андоновски освои две титули во Националната женска фудбалска лига на САД пред тој клуб да престане да постои, пишува АП. Андо­новски во Канзас сити карент ќе биде и спортски директор, пишува клубот на својата интернет-страница.
– Се враќам дома, се враќам во Канзас сити, но што е уште поважно за мене, се враќам во организација што има јасна визија за тоа како ќе изгледа овој тим и јасна визија за патот до каде треба да оди овој тим, и јас сум возбуден и понизен од оваа можност да бидам дел од организација како оваа – рече македонскиот стручњак Андоновски, пренесе АП.
Андоновски беше првиот тренер на ФК Канзас сити, водејќи го клубот од 2013 до 2017 година, и освои титули во 2014 и во 2015 година, пред да замине во ФК Рејн, кој го водеше во 2018 и во 2019 година. Андоновски е еден од само петте тренери што воделе најмалку 150 натпревари, еден од двајцата тренери со повеќе од една титула во првенството на САД, беше прогласен за тренер на годината во 2013 и во 2019 година и е единствениот тренер што ја освоил таа чест со повеќе од еден клуб, пишува Канзас сити карент на својата интернет-страница. Во текот на седум сезони, тој петпати го одведе својот тим во плејофот и освои титули во 2014 и 2015 година.
Канзас сити карент, кој во следната сезона треба да отвори свој стадион во центарот на Канзас сити, го водат амбициозни сопственици, меѓу кои е и Британи Махомс, сопругата на квотербекот на Канзас сити од американскиот фудбал, Патрик Махомс, пишува АП.
– Многупати сме зборувале за нашата цел да бидеме најдобриот женски фудбалски клуб во светот и сѐ што правиме ја има на ум таа визија. Сепак, за мене е уште повозбудливо кога најдоброто на светот е во вашиот двор и совршено одговара за вашиот клуб. Ова е уште еден чекор и инвестиција да се биде најдобриот фудбалски клуб во светот – рече косопственичката Енџи Лонг, пренесе АП. Н.М.