Вечерва, во Камерната сала на Филхармонијата, концерт ќе одржи пијано-триото „30 прсти“. Во триото свират нашите пијанисти Весна Ангелова, Марија Вршкова и Петар Макариевски. На програмата се дела од Жан Крас, Расим Рамазанов, Стив Рајх/Д. Боукоувалас и од македонските композитори Бете Илин и Дамјан Темков.
Марија Вршкова од Битола дипломирала на ФМУ во Скопје со највисока оценка во класата на проф. Т. Светиев, каде што и ги завршува магистерските студии по пијано. Учествувала на голем број семинари по пијано и камерна музика, а неколкупати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала над 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски туку и од странски автори. Настапувала во голем број земји, а е дел од меѓународни музички манифестации.

Весна Ангелова Христов дипломира на ФМУ-Скопје во класата на проф. Борис Романов. Магистрирала на интерпретација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка Рита Кинка. Била учесник на меѓународни мастер-класови кај познати пијано-педагози, настапува како солист и камерен музичар низ Македонија. Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Чешка, САД…. Нејзиниот афинитет кон камерната музика ја води кон оформување на пијано-трио и пијано-дуо, а најчесто настапувала со виолинисти, поддржувајќи млади музичари.
Петар Макариевски во 2001 година дипломирал на ФМУ-Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001 до 2003 посетува магистерски студии во Софија, а од 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД, и паралелно завршува магистерски студии кај проф. Серѓо Гало. Додека престојува во САД активно реализира концерти и работи како хонорарен пијано-соработник на универзитетот. Макариевски настапува и во Македонија и со Македонската филхармонија. Во 2005 г. со Весна Ангелова го формираат камерното дуо-пијано.