ПИШТАЛО

Интересно е дека за време на мојот белградски период се зачнаа пријателствата со тројца Владовци – Бајац, Дивљан и Пиштало. За секого од нив тројца и денес носам во себе полн грст живи доживувања
Сепак не се сеќавам точно каде се запознав со Влада Пиштало, но можам без напор да го оживеам неговиот тогашен лик. Можеби затоа што тој, и покрај годините и стареењето, го одржа изгледот на добродушен медо. Но наспроти својот лежерен физикус, Пиштало е пешак што сака рано-рано да скита низ градот (тука, што се однесува на талкањето, целосно се согласуваме, иако јас баш не сум ранобудник), секогаш со нотес на готовс – да прибележи локална анегдота или досетка.
Неколку години помлад од мене, Пиштало поседуваше една особина што ретко ја имаат и луѓе со повеќегодишно искуство. Добронамерност. Уште како младич, тој се инспирираше од книгите и од приказните на другите. И тогаш веќе беше длабоко заразен со литературата – го гледам како насмеан, забревтан, се симнува од вториот кат на зградата на „Југословенските железници“, каде што работеше како новинар, држејќи го в раце новиот број на откаченото лудистичко списание „Београдска мануфактура снова“ (со разигран колаж од текстови, фотографии и цртежи), кое го уредуваше со елан и нескриена радост.
За време на нашето неколкудецениско пријателство, во регионот се случуваа крупни и тешки искушенија – војни, разделби, преселби – кои кај него се струполија многу подраматично отколку кај мене. Тогаш, додека во Босна беснееше ѕверот, Влада одненадеж допатува во Скопје (и нормално, отседна кај мене) да го дочека татка си, инаку тогашен директор на Народната библиотека во Сараево, кој со помош на македонските пријатели успеа да се извлече од разурнатиот град.
Еве што ми напиша Влада за тоа во еден скорашен мејл: „Во Скопје тогаш првпат го видов тато по цела година. Пред тоа комунициравме преку радиоаматери. Постоеше можност веќе никогаш да не се видиме. Чув преку телефон како граната удира во Вјечница, во близината на библиотеката во која татко ми беше директор. Судбината сакаше да се најдеме во Скопје.

Во Скопје сѐ беше нормално. Оној стар свет на кој бев навикнат. Македонците колку што можеа им помагаа на бегалците од Босна. Самиот град, барем мене, ме асоцираше на заедништвото и солидарноста од времето на земјотресот. И порано бев во Скопје. Најубаво ми беше кога бев кај тебе. Бевме и во Штип. Засекогаш запаметив еден штипски валцер.
Значи бев повикан во гостопримливиот дом на Сашо Прокопиев, на улицата Алжирска. Зборувавме за сѐ и сешто, како и секогаш. Го читав Хелдерлин, кого го позајмив од твојата библиотека. Висок германски идеализам. Нашите разговори. Прошетките со мојот татко и со неговите македонски пријатели (и тој ги имаше многу), сето тоа се слеа во чувство на топлина и нормалност. Не дрдорам нешто како ’политички коректно’, туку токму така – од љубов. Ниту на Скопје ниту на мојот другар Сашо никогаш не сум им го заборавил тоа“.