Во издание на „Современост“ деновиве е објавена „Светлината во нашите вени“, нова поетска збирка на Стефан Марковски. Стихозбирката на сто страници содржи вкупно 39 песни распоредени во шест циклуси: Светлината во нашите вени, Пријател со времето, Пребирливоста на стихот, Машински метаморфози, Политикологија на дишењето и Бакнежност.
– Именките се преобразуваат во глаголи и преземаат трескавично дејство (есента започнува да есенува), бакнежот од себе истиснува именка двојник и укажува на состојба (бакнежност), обичните лексеми си ги наслушнуваат еуфемиските блискости и ги премостуваат огромните семантички растојанија што ги разделуваат, па пилите и липите, во реалноста намовнати од конфликтност, овде ги гледаме во творителна пермутациска лирска прегратка (пили, липи). Пребирливост на стихот, војување со перото. Технé – вели за збирката македонскиот поет и книжевен критичар Санде Стојчевски.
Освен ваквиот максимален учинок што се извлекува и од семантичката и од еуфониската кондиција на зборовите, на синтагмите и на посложените реченички споеви, во најновите песни на Марковски има удвојување на волуменот што опфаќа најмалку две сфери, реалната и метафизичката.
– Овде нашиот поет како да се потсетува, како да нè потсетува на оние илуминантни стихови од народната лирика во кои заслепително одблеснува бајковитиот свет на девојката чие огледало коњот го откопува с’десна нога. Така е во поезијата, така е со поезијата, драги читатели! Таа отсекогаш така работела, така нè пренесувала од с’клетната приземна реалност во прочистените духовни сфери. Вистинската, побудена поезија – пишува Стојчевски.