Лука Мадонини, италијански дизајнер

Во галеријата „Чифте-амам“ беше поставена изложбата со наслов „Најдрагиот Пинокио“, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје и ИТА Скопје, во соработка со Националната галерија на Македонија. Изложбата беше организирана по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Лука Мадонини беше еден од 60-те дизајнери на изложбата.

Од каква важност е проектот „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“?
– Изложбата е славење на еден од најпознатите италијански ликови, познат низ целиот свет и со силна и современа врска со италијанскиот менталитет. Ја претставува и неопходноста да се даде нова гледна точка за митот за Пинокио, која може да се чита и толкува на илјада различни начини.
Соработувавте со главниот куратор на изложбата, Џулио Јакети. Каква изложба создадовте, во каков свет нѐ носи?
– Џулио Јакети сакаше да има инклузивен простор, место каде што луѓето ќе можат да влезат и да бидат опкружени со магичниот свет на Пинокио. Архитектот Матео Верчелони успеал да ја претвори оваа идеја во кружен простор, кој во внатрешниот дел содржи 31 дрвен Пинокио, а на надворешниот дел може да се најдат 31 плакат од графичките дизајнери. Другиот дел од изложбата е составен од кружна пирамида во која се собрани најзначајните проекти инспирирани од ликот на Пинокио, не само кукли туку и заеднички производи како штици за сечење, вазни итн.
Новите дизајни му даваат модерен отпечаток на Пинокио, па зошто е важно за да ѝ дадете современа нота на оваа класична приказна?
– Поривот е да се најдат нова гледна точка, нови адаптации и нови иновативни начини на раскажување за дел од нашата култура. Тоа е начин на оддавање почит на нашата култура, секогаш обидувајќи се да ги одржиме архетипот и непосредното визуелно препознавање.
Како ги опишувате дизајните на учесниците на поставката?
– Невозможно е да се најдат две слични дела, а тоа е величествениот аспект на книгата на Карло Колоди. Секој од нас наоѓа нова перспектива, а сите вклучени дизајнери успеаја да најдат повеќе гледишта. Можете да најдете беспомошни, саркастични, игриви и политички Пинокија. Тоа е хетерогена колекција што раскажува за сложеноста на овој вечен лик.
Пинокио е ремек-дело на светската култура и литература. Зошто е важно да се велича, одбележува и вреднува делото Пинокио?
– Пинокио е приказна за целото човечко суштествување, пат за откривањето на општеството. Ги раскажува различните аспекти на човечкото однесување, односот помеѓу лагите и нивните последици, важноста да учиме од нашите грешки. И, се разбира, тоа е книга што може да ги научи нешто и децата и возрасните. Книгата е исклучително современа, иако е напишана од италијански писател што раскажува за Италија од тој период. Таа може да се приспособи на сите култури во светот. Се разбира, оваа изложба е фокусирана на нова реинтерпретација на ликот на Пинокио, но сето ова мноштво кукли содржи толку многу различни пораки. Сакам да мислам дека, како Италијанци, имаме должност да ја одржуваме жива фигурата на Пинокио и да бидеме амбасадори во светот на неговото учење.