Тоа што не смее да го прави е да смета дека мајчиниот јазик не му нуди соодветни решенија, без наедно да го искористи длабокиот извор на зборови и терминологија што лежат во народната и во современата македонска книжевност. Ако е подготвен да истражува и да се нурне во богатството на својата култура, да не се плаши да наоѓа нови и храбри решенија, секој преведувач ќе го најде соодветното решение, а притоа ќе придонесе и за збогатување на сопствениот јазик и култура, вели Милан Дамјаноски

Милан Дамјаноски, преведувач

Милан Дамјаноски е преведувач и професор по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Неодамна во рамките на фестивалот „Арт/ареа/артерија“, по иницијатива на издавачката куќа „Сказнувалка“, беше модератор на дискусија на темата „Предизвикот на културолошкиот контекст во преведувањето книжевност за деца и млади“. Настанот беше наменет за сите книжевни преведувачи, идни книжевни преведувачи, издавачи, писатели, страсни љубители на книгата и сите оние што би сакале да ѕирнат во дел од издавачкиот процес.

Кој е предизвикот на културолошкиот контекст во преведувањето книжевност за деца и млади со кој се соочуваат преведувачите?
– Преводот, особено книжевниот превод, е една прекрасна, но и комплексна професија што се состои од постојано справување со предизвици што делото, јазикот и културата ги поставуваат пред преведувачите. Иако понекогаш на книжевноста за деца и млади не ѝ се придава истата „тежина“ како на сериозната книжевност за „возрасни“, таа во себе ги содржи истите комплексности, богатство на теми и на убавина на стил и јазик што преведувачот треба да ги пренесе на својот мајчин јазик. Тоа подразбира дека преведувачот треба добро да го проучи и истражи тематскиот, стилскиот и значенскиот свет на делото, па потоа да го пренесе на јазик што е лесно разбирлив и достапен за своите млади читатели. Преведувачот треба да ја најде рамнотежата, да ја реши равенката со многу непознати за своите читатели и да го пренесе светот на делото во духот на мајчиниот јазик и култура без да ја изгуби неговата оригиналност. Најчесто станува збор за книги што се одвиваат во еден вонвременски свет на фантазијата, бајките и на митовите, што додава уште еден дополнителен културолошки и стилски слој на предизвикот на преведувачот. Меѓутоа, ако успешно ја заврши својата задача, на младиот читател му се отвораат портите кон една друга култура и јазик со кои можеби никогаш не би се запознал.
Во кој правец ја насочувавте дискусијата за културолошкиот контекст?
– Културолошкиот контекст ја одредува рамката во која авторот го создава своето дело, но и врз основа на која читателот треба да го чита и толкува, клуч без кој не може да се отворат сите слоеви на значење што една книга може да ги понуди. Се разбира, културолошкиот контекст е флексибилна и менлива категорија, која не е однапред зададена, затоа што во него се опфатени јазикот и културата, историското време, општествените околности, како и специфичностите на средината во која се случува приказната. Некои од тие категории навлегуваат во проблематиката на тоа што е преводливо, а што непреводливо, при што е неизбежно да има одредена загуба на значење при преводот на друг јазик. Нашата дискусија во рамките на дебатата организирана од страна на издавачката куќа „Сказнувалка“ се движеше во насока на тоа до која мера треба преведувачот да се води според претпоставката на нивото на познавање на публиката за другата култура, дали треба екстензивно да му се објаснува на читателот преку фусноти или не, како и до кој степен треба да се приспособи или одомаќини делото на јазикот и културата на која се преведува. Како успешен пример за тоа го зедовме преводот на романот „Магла“ од Марта Палацези, преведен од Ирина Талевска, каде што е постигната таа рамнотежа без да се изгубат духот и читливоста на текстот.
Кои прашања сакате да ги начнете со темава?
– Според мене, книжевноста за деца и млади игра многу важна улога во развојот на читачката публика, бидејќи најчесто е првиот медиум преку кој децата се запознаваат со светот, како и со различните светски култури. Од друга страна, преку тие преводи младите читатели го прошируваат и своето познавање на можностите и убавините на својот мајчин јазик, што е многу важно во денешниот свет на брзи промени. Тоа што сакавме да го загатнеме во разговорот со колегите преведувачи, издавачи и критичари, но и со младите и нивните родители е да не си поставуваме ограничувања или да не табуизираме одредени теми или јазични решенија од страв за добросостојбата или можностите за рецепција на младите. Изборот на темите што се обработуваат во книгите треба да биде соодветен на потребите и преокупациите на децата и младите во модерното време, но во исто време не треба и јазикот да се десензитивизира или ублажува во однос на оригиналот, бидејќи и тој е медиум преку кој се осознава за сите предизвици што ги чекаат во животот.
На што посебно треба да се внимава при превод на книжевност за деца и млади? Со какви дилеми се соочуваат преведувачите во наоѓањето соодветна терминологија?
– Како што реков, во многу книги се говори за општествени и културни околности, но и историски периоди, кои не секогаш имаат допирна точка со македонската средина и историско искуство. Притоа, преведувачот треба да избере јазични решенија, како и стилски регистар што би бил соодветен на светот предаден во книгата, но во исто време и разбирлив за младиот читател. Значаен предизвик е изборот на соодветна терминологија, но тоа бара од преведувачот темелно истражување на тематиката, добро познавање на двата јазика и култури, како добра доза креативност и храброст во јазикотворењето. Тоа што не смее да го прави е да смета дека мајчиниот јазик не му нуди соодветни решенија, без наедно да го искористи длабокиот извор на зборови и терминологија што лежат во народната и во современата македонска книжевност. Ако е подготвен да истражува и да се нурне во богатството на својата култура, да не се плаши да наоѓа нови и храбри решенија, секој преведувач ќе го најде соодветното решение, а притоа ќе придонесе и за збогатување на сопствениот јазик и култура.