ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ПРЕСПА

Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанско Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Грција и Албанија, годинава ќе го има своето 22. издание, со почеток на 6 јули, пред „Сарајот“ во Ресен. Фестивалот ќе започне со ретроспектива на легендарните имиња на европскиот театар досегашни добитници на наградата за животно дело „Актер на Европа“.
Годинава наградата за животно дело ја освои познатата чешка актерка Ива Јанжурова, за која ќе биде прикажан уметнички портрет со сите нејзини театарски и филмски креации.
Прво легендарно име на европскиот театар што ја освои оваа награда е Љуба Тадиќ од Белград, а потоа се редеа: Јон Карамитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија) итн.
На свеченото отворање ќе се обратат градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, амбасадорот на Чешка Јарослав Лудва и претседателот на жирито Гоце Ристовски, а беседата за лауреатот ќе ја одржи претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш. На церемонијата признанието „клучевите на Преспа“ ќе го добијат амбасадорот Ристо Никовски, доајен на македонската дипломатија и поетот Бошко Пелистерски-Рајчовски од Македонија, кој пред три децении во САД го основа радиото „Оро македонско“, кое се слуша по сите меридијани. Традиционалната голема повелба „Балканот – срцето на Европа“ годинава ќе ја добијат грчкиот активист за човекови права Павлос Васкопулос Филипов, Јордан Ѓорчев, претседател на Меѓународниот славјански универзитет, и Сулејман Рушити, режисер, поранешен министер за образование и директор на Театарот во Гостивар. Фестивалското издание годинава ќе биде обележено и со посебниот омаж за долгогодишниот претседател на интернационалното жири на фестивалот, легендарниот македонски актер Мето Јовановски.
Во официјалната конкуренција на фестивалот годинава вреди да се истакнат претставите: „Шекспировите сонети“, авторски проект на Биљана Ѓуровиќ (проект на Факултетот за современи уметности од Белград), „Сите најубави нешта“ од Данкан Мекмилан, Македонија (ОХО продукција), во изведба на Игор Ангелов и режија на Дејан Пројковски, „Светозар Трети“ од БиХ, во изведба на Иван Перковиќ и во режија на Михаило Костадинов, како и авторскиот проект „Арка“ на Ментор Зумберај од Косово. Завршната вечер на фестивалот, 11 јули, покрај доделувањето на наградите, ќе ја обележи и претставата „Женски разговори“, во изведба на Оља Лопушански од Амстердам, Холандија.
– Вџасувачки е фактот дека овој меѓународен фестивал за кој пишувале водечките медиуми во Европа и светот, годинава остана без никаква поддршка од Министерството за култура, кое додели средства на голем број фантомски и аматерски проекти – велат организаторите.