Филип Јовески, мултимедијален уметник

Младиот прилепски уметник Филип Јовески е наградуван мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник и магистер по уметност, кој инспирацијата за своето творештво ја наоѓа во спојот на секојдневното и фантастичното, традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, креативната перцепција и научното истражување. Остварил уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и во Англија. Реализирал самостојни изложби во Германија (Берлин и Бремен) и во Македонија, а учествувал и на повеќе интернационални групни изложби, проекти, уметнички колонии и биеналиња. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и на ДЛУП, а неговите дела се наоѓаат во јавни институции и приватни колекции во Македонија, Германија и во Англија. Деновиве му беше врачена првата награда од меѓународното жири за фотографија, видео и мултимедија на „Остен биеналето“ и со своите дела учествува на изложбата во „Чифте-амам“, a се претставува и со изложба во Битола.
„Остен биенале“ е манифестација отворена за сѐ што е ново и е многу посеопфатно од традиционалното, давајќи предност на дела што ги разбиваат старите и излитени ликовни матрици, дела што имаат специфичен авторски белег или навестуваат обид за исчекор надвор од востановените академски правила, во слободниот простор на создавањето. Биеналето е предизвик за уметниците да ги поместат конвенционалните граници, како од аспект на користењето на техниките, алатките и медиумите така и од агол на творечката слобода на изразувањето.

Учествувате на изложбата на „Остен биеналето“ на кое сте добитник на награда за фотографија, видео и за мултимедија. Што значат за Вас ова признание и претставувањето на ваква престижна манифестација?
– Да се биде дел од еминентните уметници што учествуваа на годинашната изложба на „Остен“ во Националната галерија во „Чифте-амам“ во Скопје и можноста моите дела да бидат изложени заедно со делата на врвни мајстори како што се Микеланџело Пистолето и Вангел Наумовски претставува голема чест и задоволство. Да се добие првата награда за фотографија, видео и за мултимедија (која е и највисоката награда што „Остен биеналето“ ја доделува) во конкуренција од 273 уметници од 51 држава од целиот свет, за мене претставува огромен успех и потврда за мојата уметничка визија. Делата, наградени од интернационалното жири, претставуваат комбинација и сублимација на сите мои интереси и пасии. Ова претставување значи можност за промовирање и афирмација на мојата уметност во интернационални рамки, а наградата е од особено значање за мене бидејќи претставува прво интернационално признание за мојата работа во областа на визуелните уметности и мултимедијата.

При примањето на наградата Остен Биенале

Наградата ја добивте за еден Ваш интересен проект. Колку е тој реален и значаен?
– „Живите“ артефакти претставуваат код, симбол и дестилација на надредени концепти и идеи, направени врз основа на лично искуство во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, анимацијата и видеоуметноста и отелотворени во различни медиуми (класични и дигитален) и потоа претставени со помош на AР (аугментирана реалност) технологии. Трансмутацијата се случува кога аналогното уметничко дело, направено со традиционални класични техники на сликање, се трансформира во дигитално, бинарно и ефемерно дело. Во истиот момент, двете дела ги гледаме паралелно на истото место, надредени, но во сосема различни реалности (физичка и виртуелна). Во тој момент, визуелниот код се претвора во дигитален код, кој, пак, се претвора во информација што е визуелна и аудитивна. Уметничките дела постојат во две различни нивоа на реалност, во исто време во просторот. Првиот слој на реалноста е физичкиот свет, каде што уметничките дела се направени во традиционални класични техники (акрил, туш, масло итн.), а се инспирирани од нашето богато материјално и нематеријално културно наследство и мотиви на народни носии. Во ова ниво на реалност тие претставуваат транспонирани, поедноставени, семиотички претстави на посложени виши реалности и кодифицирани претстави на експресивни внатрешни состојби на свеста. Вториот слој на реалноста е AР (виртуелна аугментирана реалност), каде што уметничките дела се претставени како 2Д и 3Д скулптурални објекти и анимации, кои се издигнуваат од уметничките дела на првото физичко ниво на постоење, а со тоа создаваат поживописен суперпозициониран свет. Надредените дела се дигитално изработени во различни техники и софтвери, инспирирани се од повеќе дисциплини, како што се архитектура, скулптура, музика, поезија и визуелна уметност, и претставени со нови дигитални медиуми преку апликација за проширена реалност АРТИВИВЕ (ARTIVIVE). Употребата на аугментирана реалност (AР) со цел да се претстават нови светови ја прави презентацијата на делата инклузивна и интерактивна. Таа го збогатува корисничкото искуство и ја претвора непосредната околина во интерактивна средина. AР претставува свеж медиум за изразување и можност за нова интеракција на технологијата и уметноста. Бидејќи е динамичен и привлечен медиум, кој го спојува уметничкиот израз со реалниот свет, аугментираната реалност нуди огромен потенцијал за раскажување приказни.

Вие сте уметник од помладата генерација што сака да истражува. Што е Ваша водилка и инспирација?
– Мојата уметност е одраз на мојата (пот)свест. Ги отелотворува моите верувања и аспирации, и се надоврзува на традицијата и иновацијата. Таа е повеќедимензионална и интерактивна и е нешто што повеќето не го доживеале досега во уметничка галерија, особено во регионалниот/националниот контекст во кој работам. Актуелна е, поттикнува на размислување, оригинална е и иновативна. Мојата уметничка пракса го истражува пресекот на традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, културата и идентитетот. Таа е контекст-специфична (активно ги ангажира моите локални/регионални заедници) и проект-специфична (во однос на техниките/материјалите што ги употребувам). Опфаќа процес на трансмутација и суперпозиција на различни концепти и идеи, имплементира мултимедија и нови технологии и замислува уметнички дела создадени врз основа на моето богато лично искуство во областа на креативните дисциплини и сфери. Моите дела се трансдисциплинарни, визуелно ангажирачки мултимедијални уметнички дела со јазик што се движи помеѓу експресивна апстракција и имагинативна анимација, помеѓу традиционални техники и дигитални креации. Секое уметничко дело е проткаено со наративи и симболи (инспирирани од нашето културно наследство), кои резонираат со мојата непосредна и поширока заедница. За време на нивното создавање, ги истражувам човечката психа, душа и тело низ призмата на личните и актуелните локални/светски настани. Преку набљудување, интроспекција и саморефлексија се обидувам да создавам дела што инспирираат и поттикнуваат промени, како за личен така и за одржлив развој. Премостувајќи ги минатото (културата) и сегашноста (актуелните општествено-политички прашања), создавам уметност што се протега кон иднината (проширена реалност) и што ги ангажира луѓето да бидат повеќе инвестирани и активни во процесот на зачувување на културно наследство.

Не само што изложувате дела во земјава и во странство туку сте дел и од повеќе меѓународни проекти. Колку придонесува тоа за размена на искуства?
– Размената на искуства и идеи со помлади генерации што размислуваат на поинаков начин, кои уметноста ја доживуваат на нов технолошки вдахновен начин и кои се подготвени интерактивно да се вклучат во процесот на истражување и презентирање преку користење нови технологии, ми дава неисцрпна инспирација и сила постојано да експериментирам во мојата уметничка пракса и да се реоткривам себеси преку нови начини на креирање и изразување.

На што сте сконцентрирани овој период во уметноста, односно што ви е предизвик?
– Овие први неколку месеци од годината правам подготовки за претстојните изложби и проекти за 2025 година. Имам планирано повеќе самостојни изложби во земјата и во странство, како и повеќе соработки со домашни и со странски уметници. Најголем предизвик оваа година би било одржувањето на континуираноста и квалитетот во изработката и презентацијата на моите дела. Планираните проекти меѓусебно варираат тематски и технички, што овозможува голем потенцијал за раст, како на уметнички така и на личен план.