Таквите данчиња и данчевци сѐ повеќе се плашат да живеат. Се плашат да донесат одлука, се плашат да направат исчекор, генерално се плашат. Стравот фрустрира и нè прави несреќни и зли. Наместо да мислиме на сопствената среќа и како да стигнеме до неа, секогаш е полесно да се позанимаваме со туѓата несреќа и што може да направиме за да оневозможиме нечија среќа, вели Симона Спировска, една од актерките во новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски

Симона Спировска, актерка

Симона Спировска ја игра улогата на Данче, жената на Карамба, во филмот на Милчо Манчевски, „Кајмак“. Жанровски, филмот е црна комедија, а според Манчевски, може да се стави во категоријата „љубовен филм за возрасни“. Филмот го прикажува животот на две современи македонски семејства.
Со Симона разговараме околу предизвиците за време на снимањето, за улогата на Данче, за двете паралелни улоги, да се биде Данче и да се биде мајка на петмесечниот Димитар, кој го игра бебето Борис во филмот…

Данче има најголем скок во развојот на улогата, од незадоволна и угнетена жена, таа доживува слобода на духот, го вкусува задоволството на животот… Како ви легна ликот на Данче? И какви погледи ви отвори?
– Скокот на Данче е највпечатлив, веројатно бидејќи е најнеочекуван. Честопати си дозволуваме да си ги претпоставуваме потребите на другите и врз основа на нашите претпоставки да ги судиме туѓите постапки. Данче (ненамерно и за неа изненадувачки) за да ја заштити сопствената територија се впушта во откривање на непознатото. Тоа ѝ овозможува и да ја вкуси слободата и да се ослободи од осудувањата на паланечката средина на која дотогаш и самата ѝ припаѓа. Иако секогаш во прв план е сексуалната револуција што ја доживува Данче, таа истовремено се ослободува и од стравот дека нешто ќе ѝ биде одземено. Се ослободува од стравовите и почнува да живее.
Како изгледа животот од секојдневието на Данче? Што ја прави (не)среќна и ја гледате ли често низ скопските улици?
– Смена во бурекчилницата, кавга со соседите, приготвување ручек, ручек, кавга со Карамба, туширање, кавга со соседите. Ноќ. Станување, смена во бурекчилницата, кавга со соседите, приготвување ручек, ручек, кавга со Карамба, туширање, кавга со соседите. Ноќ. И така до побудалување…
За жал, има многу данчиња низ улиците на ова наше бетонирано Скопје. Како никнуваат зградите така нашите погледи се лепат за тротоарите. Никој не гледа никого во очи и не му посакува добар ден никому. Таквите данчиња и данчевци сѐ повеќе се плашат да живеат. Се плашат да донесат одлука, се плашат да направат исчекор, генерално се плашат. Стравот фрустрира и нè прави несреќни и зли. Наместо да мислиме на сопствената среќа и како да стигнеме до неа, секогаш е полесно да се позанимаваме со туѓата несреќа и што може да направиме за да оневозможиме нечија среќа.
Ова е ваша прва соработка со Милчо Манчевски. Од ваш ракурс, како гледате на улогата во „Кајмак“, ве лансираше ли повисоко меѓу ѕвездите?
– Да, да, ние сега и се запознавме. Бесценета е можноста да се откриваат светот и различностите преку ликовите што една глумица може да ги изигра. Така гледам на Данче. Како на подарок што го збогатува и овозможува моето растење. За ѕвездите не знам многу. Знам дека се таму кај што се и дека ние сме тука кај што треба да бидеме. Нека си бидат ѕвездите ѕвезди, ние мора да останеме луѓе ако сакаме да се занимаваме со оваа професија.
Како се случи и вие и вашето петмесечно бебе да бидете дел од актерската екипа? И како малиот Димитар ги поднесе сите згоди и незгоди, целото снимање?
– Му се случи сирот, што да прави… му се падна мајка – глумица. Димитар уживаше за време на снимањето. А и јас. Можев да го работам тоа што го сакам и да бидам со моето бебе. Нешто што би требало на секоја жена да ѝ биде обезбедено – сигурна и пријатна средина. За време на целото снимање ни правеше друштво бебето, а тоа го овозможија сите што беа на сет. Неизмерно сум им благодарна на сите, сите, сите што се најдоа таму во деновите на снимањето и се грижеа за нас. Се разбира и на моите дома. Моите родители, Жарко (таткото на Димитар) и моите другари. Грижата. Генерално тоа чувство го памтам најсилно. Грижата од сите за сите. Значајно е ова да стане новото нормално. Грижата треба да стане новото нормално.
Ја имавте најделикатната задача, да бидете Данче, комплетно да се соголите, да се впуштите во еротските сцени и во исто време, паралелно да бидете доилка и мајка на Димитар… Беше ли тешко да се изманеврираат двете улоги?
– Работната задача на глумците и глумиците е да маневрираат. Ние така постоиме и со деца и без деца, имаме задача да се справуваме со работните задачи, кои секогаш подразбираат чувства. Е, наша работа е да знаеме кое за каде е и до каде е. Верувам дека за да се случува тоа, основниот услов е безбедна средина и партнери на кои можеш да им се препуштиш. Велам партнери, бидејќи создавањето на филмот е едно колективно искуство и за време на снимање никој, никогаш не е сам. Мене директна партнерка ми е Ана Стојановска. Сите што ја познаваат знаат дека не е тешко човек да ѝ верува и да ѝ се препушти. Сè беше предизвик. И во секој уживав.
Пет месеци по породувањето да бидете дел од цел филмски процес (родилките знаат што значи тоа, актерките родилки уште подобро) е храбар и тежок чекор, но покажавте дека сте врвен професионалец и бисер меѓу глумиците… Какво искуство ви беше снимањето на „Кајмак“?
– Димитар е едно соработливо бебе, на кое му дозволив да ме води од првиот ден. Не мислев дека треба да му ги наметнувам моите редови, туку дека треба да ги следам неговите потреби. Јас имав потреба од тоа, што не значи дека така треба. Мене инаку тоа ми е омилен дел од оваа професија. Работа со партнер. Е па, така и со бебето. Снимањето на „Кајмак“ беше одлично искуство. Генерално сметам дека е привилегија да имаш можност да го работиш тоа што го сакаш, во средина што тоа го овозможува и обезбедува. Тоа сигурно место не се случува само од себе, туку го создаваат сите присутни. Ептен ми е драго што овој грижлив однос сега се пренесува и на грижата за публиката и инсистирањето овој филм да стигне сегде каде што има минимум услови за тоа. Филмот во моментов игра во над 20 града и секојдневно се инсистира на желбата овој филм да им биде достапен на сите граѓани.
Каква општествена рефлексија ни проектира филмот, живееме ли во општество во кое за „танго се потребни тројца“?
– „Кајмак“, меѓу другото, зборува и за бетонизираноста. Бетонот како дел од смртта на еден град и бетонот како состојба на духот. За неспособноста, односно способноста да се надминеме себеси во име на другиот. За способноста да ги разбереме и прифатиме најпрво своите, а потоа и туѓите потреби. Зборува за состојбата на духот во паланката, каде што е поважен страшниот суд на сосетката од втори отколку сопствената среќа. А за танго се потребни онолку колку што сакаат. Не ни мора да се игра танго, на крајот на краиштата. Светот на танцот познава и одлични соло-изведби.