Предновогодишни старо-нови желби и проекти

Пред доаѓањето на новата година повторно политичарите се растрчаа на средби со граѓаните за да ги прашаат какви (новогодишни) желби и идеи имаат за идната година. Притоа не смее да се заборави дека во секој град или населено место во државата има некој проект што чека за реализација со години, ако не и со децении

До испраќањето на старата и дочекот на новата година остана уште околу половина месец, па во изминатите денови политичарите се растрчаа на средби со граѓаните за да ги прашаат какви (новогодишни) желби и идеи имаат за идната година. Повторно се враќаат во игра таканаречени трезори или банки за идеи, каде што граѓаните ќе нудат проекти што очекуваат да се остварат. Се оди и понатаму, па под мотото граѓаните ги креираат буџетите на општините според своите потреби и приоритети деновиве се одржаа безброј форуми и средби со граѓаните тие да бидат вклучени во креирањето на своите општински буџети и самите да одлучат за кои и какви проекти ќе се трошат нивните пари.
И сето ова е добро и, секако, за поздравување за да се слушне мислењето на народот. Зашто кога станува збор за нови идеи и „проекти“, тие на овие простори никогаш не пресушуваат. Нив секогаш ги имало доволно, ако не и премногу. Она што недостига е нивна практична реализација. Преминот од зборови на дела. Клучниот проблем е што огромен број идеи, предлози и проекти останале нереализирани од разни причини. Во секој град или населено место во државата има некој проект што чека за реализација со години, ако не и со децении. И за ова има безброј примери. Друг проблем е и тоа што имаме општини што со децении се со блокирани жиро-сметки и кои никако не можат да се одблокираат, а парите на граѓаните од општинските буџети со амин на судовите што им ги одредуваат лимитите, ги трошат исклучиво за свои основни потреби. Така, полека влегуваме во еден магичен триаголник проекти – пари – реализација. Која било од овие алки да не функционира ја доведува во прашање успешноста на целиот циклус. Така имаме реална ситуација каде што, за жал, од многубројните идеи и проекти многу малку биле реализирани. Сега повторно пред Нова година се нуди нова тура од илјадници (старо) нови идеи што треба да се преточат во проекти, со чија реализација би си го подобриле животот во местата каде што живеат.

Колку од тие илјадници идеи и понудени проекти ќе бидат вградени во програмите на локалните власти останува да се види и да покаже времето.
Додека на средбите со граѓаните се регистрираа(т) новите идеи на граѓаните што би се реализирале во наредната календарска година, малкумина се интересираа(т) да прашаат што станува со реализацијата на претходно планираните, но нереализирани, а платени проекти од сите досегашни власти.
А такви примери, барем кога станува збор за Битола и Македонија, има не само многу туку слободно може да се рече дури и премногу.
Многу од тие проекти ги имаат заборавено дури и тие што ги промовираа и кои им ги понудија на граѓаните. Во Битола денес ќе те направат смешен доколку прашаш што станува со изградбата на аеродромот кај селото Логоварди, кој на „вонредна прес-конференција“ беше промовиран пред некоја година.
Иако Битола поради недостиг од паркинг-места се соочува со вистински хаос кога станува збор за паркирањето, ниту претходната, ниту пак сегашната локална власт не сакаат ни да чујат повеќе за изградбата на подземната и катната гаража, за чија изградба беа изработени проекти, истите тие беа платени и се водеа многу дебати и трибини, па и средби со граѓаните.
Малкумина во Битола се сеќаваат на сите проекти што беа понудени и изработени за новиот град на Златниот Рид, во кој требаше да живеат најмалку 5.000 жители, претежно млади. Освен изградбата на неколку станбено-деловни згради, од реализацијата на другите проекти засега нема ништо. Иако со смената на името на поранешната касарна во „Златен Рид“ се мислеше дека најубавата локација во градот, која се простира на над 100 хектари површина, ќе им донесе многу благодат на битолчани и ќе ја наполни општинската каса, тоа не се случи, па не само што просторот на касарната не ѝ донесе ренесанса на Битола туку ја заглави општината во огромни долгови. Таквата состојба ги натера општинските власти да се откажат од користењето на името Златен Рид и повторно просторот да го викаат кај касарната. За нереализацијата на проектите за изградба на затворен олимписки базен, аквапарк, трговски центри, нова полициска станица, панорамско тркало, хотели, изградба на филмски град веќе никој не само што не зборува туку и не прашува.

Кога станува збор за нови идеи и „проекти“, тие на овие простори никогаш не пресушуваат. Нив секогаш ги имало доволно, ако не и премногу. Она што недостига е нивна практична реализација. Преминот од зборови на дела

И вакви примери како што посочивме и претходно има во речиси сите градови низ државата.
Еве, доволно е само да се спомене сообраќајниот хаос со кој изминативе денови се соочува главниот град во државата. И во врска со превозот во Скопје се најавуваа трамвај, метро, бесплатен градски превоз и што ли уште не, за сега да имаме блокирани улици, протести, незадоволство, нервоза и нефункционален јавен превоз за граѓаните. Вакви или слични примери има безброј низ целата држава, и тоа, што е најтрагично, во сите области, не само во областа на инфраструктурата туку и во здравството, образованието, науката, сообраќајот, правосудството… во кои не недостигаат проекти, но, за жал, нивната реализација е речиси минорна.
Милиони и милиони евра се потрошени за изработка на разни проекти, со кои најчесто бил „купуван“ гласот на граѓаните, за подоцна истите тие да бидат ставени во фиока и да бидат заборавени, па дури и од тие што ги предложиле или планирале. И кога нема реализација на старо-новите проекти, политичарите се расправаат кој ги почна(л), а кој не ги завршил проектите, се фалат или критикуваат меѓу себе за (не)реализираните проекти и истите тие ги делат на „ваши“ и „наши“ итн. Затоа во овој период на предновогодишно расположение, посакување нови желби и давање нови ветувања, потребно е многу повнимателно да се пристапи и никој да не се расфрла премногу со празни зборови. Нашиот народ има убаво кажано дека секој треба да ги испружи нозете колку што му е и чергичето. Но некои изгледа сѐ уште не го научиле тоа, па постојано ветуваат брда и долини, свесни дека сето тоа тешко може да се реализира. Ваквото подгревање лажни надежи е манипулација со граѓаните, кои со право се прашуваат што стана со претходните ветувања, проекти, визии итн.
Располагањето со буџетски средства и пари на граѓаните не е само сериозна туку и многу одговорна работа.
Оттаму при „проектирањето“ на проектите со средствата на граѓаните треба да се води голема сметка кои проекти им се неопходни и потребни на граѓаните, но исто така и што може да се реализира од тоа.