Ждрепката ја влечеа Трезеге, Матераци и Роберто Карлос, а некои од ѕвездите што треба да се појават се и Касиљас, Пујол, Кафу, Тоти, Кака, Дрогба, Бенатиа, Ал Хабси, Тери… „Тука сме со неверојатни легенди, светски шампиони, играчи што ја напишаа историјата на фудбалот. Тие не се бивши фудбалери, туку од статус на фудбалери преминуваат во статус на легенди“, рече Инфантино, претседателот на ФИФА

Легендите на глобалната игра ќе ги врзат копачките во Доха неделава кога ќе се одржи Купот на легендите на Светската фудбалска федерација (ФИФА), со учество на осум тима, кои ќе одиграат 18 натпревари. Се очекува настап на речиси 100 фудбалски легенди пред финалето на Светското првенство в недела, пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека Купот на легендите е начин да се зближат иконите на светскиот фудбал и да се прослават ѕвездите на спортот.
– Фудбалот е за радост, за насмевки, за забава. Тука сме со неверојатни легенди, светски шампиони, играчи што ја напишаа историјата на фудбалот. Тие нѐ натераа да се вљубиме стотици и стотици пати во играта. Овие фудбалери што се тука не се бивши фудбалери, туку од статус на фудбалери преминуваат во статус на легенди – рече претседателот на ФИФА за време на ждрепката, која ја влечеа светските прваци Давид Трезеге, Марко Матераци и Роберто Карлос.
Некои од ѕвездите што треба да се појават ги вклучуваат планетарните шампиони Икер Касиљас, Карлес Пујол, Кафу, Франческо Тоти и Кака, а ќе настапат и Дидие Дрогба, Мехди Бенатиа, Али ал Хабси и Џон Тери, покрај многу повеќе машки и женски фудбалски легенди, пишува ФИФА.
Двете првопласирани селекции во секоја група ќе се пласираат во полуфиналето, а последните две екипи од секоја група ќе играат натпревари за пласман.


ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР
Следува и трката за индивидуалните награди

До крајот на 22-то фудбалско Светско првенство (СП) во Катар остануваат уште три натпревара, и тоа денешното второ полуфинале помеѓу Франција и Мароко, потоа мечот за третото место в сабота, како и финалето в недела, по што, покрај трофејот и медалите за најуспешните, Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе ги додели и индивидуалните награди и други признанија.
Светската фудбалска федерација ќе ги додели „златната топка“ за најдобриот фудбалер на годинашното Светско првенство, „златната копачка“ за најдобриот стрелец, „златната ракавица“ за најдобриот голман, наградата за најдобар млад фудбалер на шампионатот, наградата за ферплеј, потоа за најинтересна селекција, ќе бидат одредени и најдобриот состав на Мундијалот (олстар-тим), најубавиот гол…
Добитници на наградите на минатиот светски шампионат беа Лука Модриќ, Хари Кејн, Тибо Куртоа, Килијан Мбапе, Шпанија, Белгија…