Фото: Архива

Признанието на Меркел како личност од голем формат и како поранешен носител на највисока политичка и државна функција, а и како висок авторитет во меѓународните односи, дека „меѓународни договори биле склучувани со сосема спротивна намера од содржините предвидени во нив“ и дека меѓународните договори практично биле ставени во функција за манипулирање на другата потписничка страна, заради освојувачки тактики и воена стратегија, што значи злоупотребени, сериозно ја нарушува довербата во западните субјекти како: потписници, гарантори, медијатори, олеснувачи, кои веќе флагрантно демонстрираат двојни стандарди и принципи. Таквиот начин алармантно оди во прилог на закана со хаос (меѓународноправен, економски, политички, воен, енергетски…), и тоа не само во регионални туку и во глобални размери

Бившата канцеларка Меркел откри како западноевропски држави го саботираа меѓународниот поредок и го еродираа меѓународното право

Руско-украинскиот конфликт, кој го промени курсот на светската политика и економија во оваа 2022 година, по десетмесечно војување на територијата на Украина, ја достигна точката во која, од некаква причина, довчерашни меѓународно влијателни личности отворено признаваат дека „мировни договори, склучени во рамките на принципите на меѓународното право, всушност, биле користени како тактичка алатка со воени намери“?!
Имено, силен одек предизвика интервјуто на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, во кое таа ги спушти маските на легализмот, демаскирајќи ја вистинската цел на западните сили, за договорите од Минск во 2015 година, односно дека тие биле направени да се купи време за Украина, во текот на кое Украина ќе зајакне за нови конфликти со Русија, додавајќи дека НАТО не бил во состојба да му даде воена поддршка на Киев во обемот во кој го прави тоа денес.
– Договорот од Минск, од 2014 година, беше обид да ѝ се купи време на Украина. Таа го искористи тоа време за да зајакне… Украина од 2014-2015 година не е Украина што ја гледаме денес – кажа поранешната германска канцеларка.
Таа наведе дека рускиот претседател Владимир Путин „лесно би ја прегазил“ Украина тогаш.
– Исто така се сомневам дека НАТО можеше да ѝ даде толкава помош на Украина како што го прави тоа сега – рече Меркел за периодот по државниот удар во Киев и почетокот на офанзивата против проруското население во Донецк и Луганск.
Договорот од Минск требаше да биде мирно решение за кризата во Украина, кој се случи во 2014 година и се потпиша токму во време кога Меркел беше на чело на Владата на Германија, а негов гарант покрај Франција беше и Германија.
Договорите од Минск потпишани во 2015 година имаа цел да се реши ситуацијата во источна Украина. За таа цел предвидуваа прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување од линијата на контакт, како и уставни реформи, чии клучни елементи требаше да бидат децентрализација и усвојување закон за посебен статус на одредени окрузи од регионите Донецк и Луганск. Сепак, овој план никогаш не беше спроведен како обврска на официјален Киев. Со интервјуто на поранешната германска канцеларка на своевиден начин се делегитимираат принципите на меѓународното право и се признава дека тоа што требало да биде мировен договор било само тактика за да се добие на време, кое на колективниот Запад ќе му дозволи соодветно да ја подготви и милитаризира Украина, подготвувајќи ја за војна?!

Какви последици за меѓународниот поредок и право има исказот на Меркел, особено за помалите земји?

Нашите соговорници, професори и аналитичари се вчудовидени од исказот на поранешната канцеларка на Германија.Тие сметаат дека со интервјуто, „Меркел ја разоткрива политиката на двојните стандарди на колективниот Запад и дека ѝ е направена непоправлива штета на довербата во гаранциите што ги даваат водечките земји, кои се претставуваат како предводници на демократските стандарди, правото, праведноста и еднаквоста во меѓународните односи“.
– Најголемата штета на довербата во меѓународното право, на кое се потпираат малите држави и нации, ја направи поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, признавајќи дека немале намера да ги почитуваат и спроведуваат договорите на кои и Германија е еден од гарантите. Но единственото добро во оваа штета е што паднаа маските и се разоткри политиката на двојните стандарди на колективниот Запад. За жал, таа политика на двојни стандарди патем нѐ „изеде“ и нас, како Македонија на патот кон ЕУ, кога Унијата секогаш застанува на страната на посилните (нејзините членки) во неправедните и нецивилизациски опструкции што ни ги прават нам. Во контекст на новото „редење на геополитичките карти“ добро е ова паѓање на маските во однос на почитувањето на меѓународните договори и на меѓународното право, од страна на големите сили. Декларативно, оваа глобалистичка политика започнува поставувајќи се на убави хуманистички постулати, кои потоа во реалполитичката практика се злоупотребуваат за спроведување хегемонизам, што се граничи со тоталитаризам. Интервјуто на Меркел создаде еден глобален амбиент на недоверба, во кој веќе на сѐ што гарантира Западот се гледа со недоверба. Од оваа нова ситуација, уште поиронично изгледа состојбата на Македонија во врска со почитувањето на соседските договори со Грција и Бугарија. Или, поилустративно кажано, со кој ум ѝ верувавме на Меркел кога нѐ убедуваше да го прифатиме Преспанскиот договор за побрзо да влеземе во ЕУ? Еве, ќе дојде и 2023 година, пет години од потпишувањето на тој договор во Нивици, а Грција сѐ уште нема намера ништо да спроведе од него – вели професорката и лидерка на Глас за Македонија, Солза Грчева.

Дали (не)почитувањето на меѓународното право одамна е „процес што тече“?

Постулатите на меѓународното право и меѓународните организации се поставени врз идејата и глобалната потреба да не се повторуваат големите светски војни, кои го разоруваат човештвото. Признанието на една носечка личност, која требала да ги гарантира и одржува таквите хуманистички постулати, дека тие се злоупотребени за освојувачки тактики и воени поигрувања, сериозно ја нарушува довербата во таквите меѓународни гаранции и принципи и алармантно оди во прилог на закана со воен хаос од глобални размери.
– Ако е точно дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел кажала дека Германија, како гарант на еден мировен договор немала намера да го почитува, тоа значи дека не се почитуваат себеси – ни Меркел ни Германија. Ако одредена личност или политички ентитет не се почитува себеси, што може да се очекува од нив во спроведување и почитување на меѓународните принципи, права и договори? Хаосот во однос на (не)почитувањето на меѓународното право одамна е „процес што тече“, откако во 1999 година од САД беше бомбардирана тогашната Сојузна Република Југославија (всушност, Србија и Црна Гора), без резолуција од Обединетите нации, наводно за спречување хуманитарна катастрофа. Меѓународното право беше погазено и измамено и со војните против Ирак, поради наводна глобална закана со производство на хемиско оружје, за кое подоцна самите „обвинители“ признаа дека немале докази за такво нешто. Во секој случај, подобра опција за сите е почитување и придржување до меѓународното право и до договорите отколку претворање на планетата во див запад и враќање во претполитичка состојба. Политиката и меѓународното право се цивилизациски придобивки за воведување ред и праведност на планетава, за култивирање на принципот на природните закони, каде што владее правото на посилниот – вели универзитетскиот професор, филозофот Љубомир Цуцуловски.

Послушноста (не) се исплати

Во контекстот создаден со пресвртниот момент за принципиелноста на меѓународното право што го создаде интервјуто на Меркел, професорката по меѓународна медијација Ида Мантон заклучува дека Македонија стана симбол за тоа дека „послушноста не се исплати“.
– Сега сме на раскрсница каде што се води војна чиј светоглед да преовладее – либерализам или некоја обновена форма на национализам, со примеси на корпоративен капитализам, или ќе создадеме нешто сосема ново и адаптирано на новата реалност. За жал, либерализмот не се распаѓа само поради нападите од нелиберални влијанија. Тој долги години е подриван однатре, од своите неуки технократи.
Барем ние во Македонија често гледавме како се предлагаа и имплементираа одлуки спротивни на принципите, па дури и меѓународни судски одлуки! Се плашам дека Македонија веќе стана симбол дека „послушноста не се исплати“, а тоа е најгорчливата лекција.
Додека се бараа прозорци на можности за да се протне некое решение за да се потхрани стабилократијата (за мир во куќа) се создадоа премногу „отстапки од правилниците“ на ОН, ОБСЕ, ЕУ и Советот на Европа.
Исходот од украинската војна ќе ни каже дали ќе можеме да си дозволиме политика на соработка или секој од своето гето ќе се заштитува и ќе создава наративи за „другите“, па ќе влеземе по уште поладна студена војна.
Како одговор на национализмот на Хитлер и за да се спречат такви фашистички походи, во кои „ние супериорните ќе ги уништиме другите“, веќе седумдесетина години градиме мултилатерален систем во кој конфликтите требаше да се решаваат по пат на преговори, во рамките на принципи, стандарди и заложби, каде што и помалите држави имаа и улога и одговорност. Македонија никогаш не научи како да биде достоен и принципиелен учесник и секогаш се поставува како корисник на услуги од тој систем. Затоа имаме дипломатски претставништва во Њујорк и Женева со по 2-3 дипломати – вели Ида Мантон.


Што сакаше да порача Олаф Шолц со изјавата дека „на Русија треба да ѝ се даде време“?

Откако Русија ќе го заврши конфликтот во Украина, треба да ѝ се даде шанса повторно да работи со Германија, изјави во понеделникот германскиот канцелар Олаф Шолц.
– На руската влада што ќе им стави крај на непријателствата ѝ е потребна шанса да ја обнови економската соработка во друг момент, кога е можно тоа – рече Олаф Шолц во Берлин, на состанокот на Источниот комитет за германски бизнис (ОА), трговско здружение фокусирано на односите со Источна Европа, пренесува Телеграф.
– Сега не е време. Во моментов односите што ги имаме се намалуваат… ЕУ сега ги заострува санкциите, но Русија ќе остане најголемата земја на европскиот континент по решавањето на конфликтот. Затоа е многу важно да се подготвиме за тоа време – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.


Дали „Индепендент“ ја препозна тезата на Русија за причината за нападот на Украина?

Западни интелектуалци ја анализираат есенцијата за украинскиот судир,
елаборирајќи причинско-последична синтеза

Мери Дежевски, колумнистка на британскиот весник „Индипендент“, во свој авторски текст објавен во споменатиот респектабилен медиум напиша дека „барањата на Русија во областа на меѓународната безбедност, поради кои започна операцијата во Украина, се легитимни и логични“. Во колумната исто така авторката заклучува дека „само кога Русија ќе се чувствува безбедно во своите постсоветски граници, нејзините соседи исто така ќе се чувствуваат сигурно во нивните“.
Според неа, за да се обезбеди стабилност на континентот, неопходно е да се формираат нови механизми за спречување конфликти, поддржани од принципот на контрола на вооружувањето. Додека не се создадат такви услови, не може да има траен мир во Европа, а заканата од нови војни, дури и нуклеарни, ќе опстојува, нагласи во својата колумна Дежевски. Во својот авторски текст, Мери Дежевски пишува дека операцијата во Украина, меѓу другото, е и во функција на „заштита на луѓето што осум години биле подложени на малтретирање и геноцид од режимот во Киев“ и дека „вооружените сили се соочени со задача да го ослободат Донбас и да ја гарантираат безбедноста на Русија“.