Во Националната галерија на Македонија, „Чифте-амам“, е отворена мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли. Со оваа изложба „Остен биеналето“ ја објави годинашната „Земја во фокус“, која ќе биде Италија. Изложбата е организирана во соработка со „Зеринтија“ – асоцијација за современа уметност, а со поддршка на италијанската амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
„Тркало на времето“ е монографска изложба на Марко Бањоли (Емполи, Италија, 1949), која ги обединува делата на уметникот од последните 35 години и новите продукции специфични за локацијата во историскиот „Чифте-амам“ во Скопје. Амамот, сегашната локација на Националната галерија на Македонија, е изграден во средината на 15 век следејќи ги облиците на исламската архитектура и низ вековите се користел од муслиманите, Евреите и православните, станувајќи место на културен и религиозен синкретизам.
– Истражувањето на Бањоли е чудна космичка и духовна истрага, која генерира спој помеѓу западните и источните верувања, толкувајќи митологии и списи што потекнуваат од далечни векови и хетерогени култури. Уметникот нѐ води кон една метафизичка друга димензија преку видеопроекции раширени во просториите и звуци што одекнуваат под куполите на скопскиот амам и ни раскажуваат приказни што од Ефес водат до индискиот Ауровил – крстопат на знаење и граѓанство – до градини на античките шаховски фигури изработени од злато и сребро, придружени со појава на арапски феникс. Бањоли бара, преку уметноста, духовно и човечко единство што може да ги надмине сивите граници исцртани од тесноградоста на луѓето – вели Матео Бинчи во текстот кон изложбата.
За изложбениот проект уметникот црта на древна легенда за седум млади момчиња од Ефес, кои, за да го избегнат прогонството на христијаните, на крилјата на чудесен настан спијат – несвесни – повеќе од два века во пештера; за откако ќе се разбудат да разберат дека поминало толку долго време.
– Темата што се повторува во различни култури: во христијанска, во муслиманска, во келтска средина, па дури и во Малезија – е мит чие потекло лежи во големите преселби, кога прогонетите на пат кон југ, поттикнати од мегалитските култури на северот, повеќе не ги препознавале ѕвездите на кои се повикувале за ориентација во пустините под екваторот. Појавата на Магеланов облак во облик на чамец на Јужниот Пол им дал нова ориентација. Повторно раѓање по напуштањето – вели Бинчи.
Марко Бањоли, по научното образование, кое кулминираше со диплома по хемија, започна да се занимава со уметност во 1970-тите. Важните меѓународни изложби ги вклучуваат: Венециското биенале (1982, 1986, 1997); Документа, Касел (1982, 1992); и Сонсбик, Арнхем (1986). Има одржано самостојни изложби во престижни институции како што се Де Апел, Амстердам (1980, 1984); Изложбениот центар за современа уметност, Женева, (1985); Музејот на современа уметност Сен-Пјер, Лион (1987); Магасин – Национален центар за современа уметност, Гренобл (1991); Музејот на современа уметност Кастело ди Риволи, Торино (1992); Центарот за современа уметност Луиџи Печи, Прато (1995); Институтот за модерна уметност во Валенсија, Центар дел Карме, Валенсија (2000); Чешкиот музеј за ликовни уметности, Прага (2009); Граѓанскиот планетариум Улрико Хоепли, Милано (2011) и Мадре, Музејот на современа уметност Донарегина, Неапол (2015), Музејот на дваесеттиот век, Милано (2022), како и посети на големи музеи, од Националната галерија на модерна уметност во Рим до Центарот Жорж Помпиду во Париз. В.Д.