Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија е отворена ликовната изложба „Реминисценции“, составена од сликарски дела на Марјан Ѕингаров, повеќегодишен соработник и пријател на КИЦ во Софија. На изложбата, авторот го претставува својот последен циклус од сликарски дела. Сликите се изработени на платно со комбинирана техника и со употреба на акрилни бои.
Марјан Ѕингаров е роден во 1976 г. во Струмица. Дипломирал во 2002 г. и магистрирал во 2005 г. на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија. Има реализирано девет самостојни изложби во Македонија, Бугарија и во Романија. Учесник е на групни изложби во Македонија, Бугарија, Грција, Србија, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Полска, Чешка, Романија. Носител е на годишната награда на Општина Струмица, „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици“ за 2022 г., за особен придонес во областа на културата и уметноста. Носител е на втората награда на Четвртиот меѓународен конкурс за апстрактна уметност во Софија.
– Без да западне во излишно сликање, тој работи со прецизна композиција во сѐ поапстрактни платна, исполнети со својствен однос кон пластичноста. Тие остануваат декоративни во својот карактер, без претензии за живописност, но тој плакатен квалитет е совладаниот јазик на музичката хармонија на овој циклус, неговата едноставност, синтетизирана од одбрани изразни средства. Оваа тивка лиричност им придава посебен дух на делата, кои не случајно потсетуваат на архаични траги. Траги, пронајдени под урнатините на една визуелна цивилизација што ја губи мистичната моќ на сликата. Она што останало како сугестија од овие слики е магливото сеќавање за нив и нивните осамени, избледени сенки – пишува Јово Панчев за изложбата.