„Најосаменото место“ од Симеон Јанков e новата книга во едицијата „ПРОаЗА“, од издавачката куќа „Или-или“. Промоторка е Фросина Пармаковска.
Станува збор за роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место каде што животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон „мртвата сакана“. Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и, конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа.
– „Најосаменото место“ е еден од најинтересните романи во македонската книжевност, чија раскажувачка умешност има исклучително високо ниво, роман чија иновативност плени и воодушевува. Осаменоста секогаш била посакувана тема на многу автори. Јанков не зборува за тоа место како за прибежиште, тој зборува за онаа темна мапа на нашата свест што има многу станици, а ниедна од нив не е крајна – пишува Сашо Огненовски.
Симеон Јанков дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во минатото, аматерски се занимавал со проучување на словенската митологија, а во последните неколку години страсно ги проучува врските меѓу македонскиот јазик и словенските воопшто, од една страна, и преостанатите индоевропски јазици, од друга, фасциниран од нивната блискост, која најчесто не е воочлива на прв поглед, притоа служејќи се со литературата на некои од најголемите и најреномирани научници на тоа поле. Автор е на романот „Црна шума“.