„Теремин – вокс фантазија“ е насловен камерниот концерт што ќе се одржи утревечер, во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата. Како солистка на теремин ќе настапи Ива Дамјановски, а настапуваат и Маријана Николовска (пијано), Татјана Петрушевска (обоа), Мартин Димитров (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Паскал Краповски (виолончело). На програмата се дела од Б. Мартину, К. Ајк и М. Јовановска.
Ива Дамјановски (1996) е дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност при УКИМ (2019), во класата на проф. Тодор Светиев. Добитничка е на наградата на УКИМ за најдобар дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 2018/2019 година. Авторка е на научната статија „Сценското дело на иднината: современиот перформативен феномен, неговиот развој и комуникација со публиката.“ Таа е организаторка, режисерка и изведувачка на концертните проекти „Монохроматика“ и „Монолози“. Моментално работи хонорарно како корепетиторка на Факултетот за музичка уметност при УКИМ и е дел од експерименталното дуо „Алембик“. Нејзината прва композиција за пијано, „Breath“, е објавена во компилацијата „Kлавирско небо 3“. Добитничка е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. за стихозбирката „Тие“. Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“, за која ѝ е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“. Нејзината поезија е застапена во многу антологии и списанија за книжевност.