Мајската филмска програма на Кинотеката на Македонија е домаќин на Дејвид Рајкер, американски сценарист и филмски режисер, со три наслови. Роден во Бостон, Рикер се преселил во Брисел, Белгија, на петгодишна возраст, а потоа неговото семејство се преселило во Лондон. Настапува на независната филмска сцена со својот специфичен неореалистички авторски стил во играниот жанр: „Градот“ и „Девојката“ се евидентен пример за тој негов стил. Но Рикер е сценарист и на атрактивниот документарец „Валкани војни“, кој го следи истражувачкиот репортер Џереми Скехил, автор на меѓународниот бестселер „Блеквотер, во срцето на тајните војни на Америка од Авганистан до Јемен, Сомалија и пошироко“. Делумно политички трилер, а делумно детективска приказна, документарецот прави напнато патување низ една од најважните и неистражени приказни на нашето време, освојувајќи номинација за „оскар“ и десетина награди на светските филмски фестивали. Рикер ќе присуствува на проекциите на неговите филмови во Кинотеката и гледачите ќе имаат можност да разговараат со него.

Средината на мај е резервирана за Неделата на италијанскиот филм, но и за уште неколку документарни наслови. „Ден на ослободувањето“ на авторите Угис Нолте и Мортен Травик ја раскажува вистинската приказна за тоа како Демократска Народна Република Кореја за првпат поканила западна рок-група да свири во земјата. Групата одбрана за оваа чест се словенечките арт-рок ветерани „Лајбах“. Контроверзно, ама дејствува: соочувајќи се со строгата идеологија и културолошките разлики, „Лајбах“ ќе мора да ги протне своите песни низ иглените уши на цензурата пред да ги претстави пред публиката, која дотогаш не чула алтернативна музика. Во „Хелмут Њутн, лошите и убавите“ на Геро фон Бом ги гледаме ѕвездите на најпознати портрети и модни едиторијали на легендарниот фотограф – од Ана Винтур до Грејс Џонс, од Шарлот Ремплинг до Изабела Роселини – кои го кажуваат своето видување за животот и делото на контроверзниот гениј. „Јас сум Грета“ на Натан Гросман е приказна за тинејџерската климатска активистка Грета Тунберг, која стана глобална ѕвезда, раскажана преку впечатливи и досега невидени снимки.

Филмофилите ќе имаат убава можност да ја запознаат новата романска кинематографска репрезентација на Неделата на романски филм. Сторијата на „Луѓе од акција“ на Паул Негоеску е фокусирана на Илие, маж во доцните 30-ти години, кој ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на серија насилни настани наскоро го претвора во соучесник во убиство. Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука. Актерот Постелнику има блескава улога во филмот, наградена на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија, минатата година. „Ти си Чаушеску“ е документарен филм на Себастијан Михалеску, во кој авторот на хибриден начин ангажира млади луѓе од различно потекло, на возраст од 15 до 22 години, кои учествуваат на аудицијата за улогата на романскиот диктатор Николае Чаушеску во неговата младост, во периодот пред Втората светска војна. Михалеску ја започнал кариерата на асистент на режисерите Раду Јуде и Раду Мунтеан, а важи за голема надеж на романската кинематографија. „Интрегалде“ е новиот наслов на Раду Мунтеан, премиерно прикажан во програмата на авторите на Канскиот филмски фестивал во 2021 година. Сторијата на филмот се фокусира на група хуманитарци во Романија што носат резерви во областите погодени од сиромаштија во регионот на Трансилванија.

„Не допирај ме“ на Адина Пинтилие веројатно е еден од најконтроверзните филмови последнава декада во европската кинематографија. Смесата на реалност и фикција, во која режисерката и нејзините глумци ги испитуваат границите на интимноста, ги подели критиката и публиката, но овој необичен естетски експеримент на Пинтилие ја освои „златната мечка“ на „Берлинале“ и доминираше на доделувањето на националните филмски награди во Романија.
Неделата на романски филм финишира со „Магнетна резонанца“ на водечкиот романски режисер Кристијан Мунџиу, кој веќе го претставивме минатиот месец на програмата на Кинотеката. Заедно со уште неколку репризни наслови, како и анимираниот „Црвената желка“ на Микаел Дудок де Вит – приказна без дијалог на човек што доживува бродолом на пуст остров – мајската програма на Кинотеката е „полна ко око“. В.Д.