Комисијата на здружението на ликовните критичари АИКА-Македонија во состав: Мелентие Пандиловски (историчар на уметноста и куратор), Маја Чанкуловска (историчарка на уметноста и кураторка) и Јованка Попова (историчарка на уметноста и кураторка), по разгледувањето на доставените предлози донесе одлука наградата да му ја додели на Илија Прокопиев за неговиот истражувачки проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“. Наградата „Ладислав Баришиќ“ има цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
– Избраниот поднесок, предлог-проектот на Илија Прокопиев „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“ се издвојува со својот иновативен пристап, прониклива анализа и критички ангажман. Преку имплементирање на критичките перспективи и ангажираниот стил на пишување, победничкиот запис на Илија Прокопиев служи како доказ за моќта на уметничката критика во расветлувањето на комплексноста на современите уметнички практики и преосмислувањето на нивните импликации во однос на пошироките културни дискурси.

Предлог-проектот ја детектира неопходноста од преосмислувањето на уметничката работа, во зависност од општествените и економските случувања, која доаѓа како потреба во времиња кога овие две категории почнуваат да стануваат нестабилни – се наведува во одлуката.
Истражувањето тргнува од претпоставката дека преосмислувањето на уметничката работа не може да се замисли одделно од преосмислувањето на економско-политичкиот контекст.
– Имајќи ја предвид богатата уметничка и кураторска пракса на авторот, како и можноста предложениот истражувачки проект да отвори нови читања за уметничките потенцијали преку концептите за самогрижа и општествена надградба, надвор од денешното поимање за тоа што е уметничката работа, сметаме дека годинашната награда заслужено му е доделена на Илија Прокопиев – се наведува во образложението на комисијата на АИКА.
Илија Прокопиев (1985) е куратор, издавач и визуелен уметник, кој живее и работи во Скопје, Македонија, и во Љубљана, Словенија. Дипломира на ФЛУ во Скопје во 2008 година, а во 2014 година магистрира на Интердисциплинарните културолошки студии во Скопје. Автор е на книгата „Атлас на човековото тело по Аристотел“, уметнички проект реализиран во 2015 година, а коавтор на „Незавршена монографија: Јелена Ристеска“. Во 2011 година ја добива наградата „Денес“ за најдобар млад уметник, за делото „Студии за многу големи цртежи“.