EX FORTI DULCEDO (5)

„Верата не е нешто што се учи од црквата. Неопходно е таа да се доживее лично“, изјава е што ѝ се припишува на Виторија Колона, а се знае дека во нејзините долги интимни разговори со Микеланџело постоела согласност и во однос на религиозното чувство. Истакнат член на спиритуалите, Виторија го воведува Микеланџело во нивната група (во која биле и неколку влијателни кардинали, како и последниот англиски кардинал Реџиналд Пол) што настојувала да се обнови мистичната непосредна врска меѓу човек и Господ. Меѓу спиритуалите се воделе живи дискусии и преписки, поттикнати од манускриптите „Аlfabeto Cristiano“, „Dialogo de Doctrina Cristiana“, „Due dialoghi“ на шпанскиот религиозен автор Хуан де Валдес, кој пред инквизицијата емигрира во Неапол, а несомнено е и влијанието на реформските ставови на лутеранството и калвинизмот. Иако е претенциозно да се нарече „евангелистичка“, вдахновената комуникација на оваа група умни и образувани сродници (што траела не повеќе од триесетина години, 1530-1560, Де Валдес умира 1541, Виторија шест години подоцна), сигурно предизвикала длабоки премисли во животот кај секој од нив. И кај Микеланџело.
На сцената на Пиета, на Милосрдието, кога Дева Марија го држи мртвото тело на синот Исус, Микеланџело често се навраќал во цртежите, а уште двапати ја извел во скулптура, пред и по Пиета Бандини, но тука освен двата клучни лика, тој ги воведува Марија Магдалена и фарисејот Никодим, член на Синедрионот, врховниот суд на еврејската држава, кој, според Евангелието по Јован, една ноќ го посетува Исус да дискутира за христијанското учење. Никодим во евангелието е спомнат по вторпат кога на судењето на Исус му се обраќа на Синедрионот дека според еврејскиот закон обвинетиот треба да биде сослушан пред да биде осуден. И по третпат, пишува евангелистот, Никодим му помага на Јосиф Ариматејски при симнувањето на Христовото тело од крстот.

Никодим е канонизиран за светец и во православните и во католичките цркви.
Зошто Микеланџело се автопортретирал во ликот на Никодим? Познато е дека меѓу спиритуалите се негувал „никодимизмот“ како специфична поткрепа на личниот пат до спасението пред оној институционалниот. Постои мислење дека по смртта на Виторија и други угледни спиритуали, а особено со востоличувањето во 1555 г. на конзервативниот папа Павле Четврти, строгиот приврзаник на инквизицијата како застрашувачко оружје против протестантизмот и иницијатор на Индексот на забранети книги, Микеланџело, како член на спиритуалите, бил принуден да се чува. Ваквиот авторитативен папа ги третирал спиритуалите како еретици, едно од неговите први решенија било да се скуси платата на Микеланџело, иако станувало збор за неприкосновено најценет уметник на своето време. Уште е подрастичен случајот со „Страшниот суд“. Иако и порано, додека владееле двајцата претходни папи, Клемент Седми и Павле Трети, слушал забелешки дека голите тела треба да бидат прикажани попристојно, уметникот ги игнорирал без да трепне. Кога папинскиот церемонијал мајстор Бјаџо да Чезена го критикувал дека насликаните сцени се како од бања, следниот ден Микеланџело го насликал Бјаџо во Пеколот во ликот на Минос, гол, со магарешки уши и змија околу гениталиите! Но со доаѓањето на Павле Четврти на чело на Ватикан, работите наполно се менуваат. Папата наредува фреската да се пребојадиса, па повторно да се наслика. Само благодарение на големиот отпор меѓу видните граѓани, катастрофата е избегната, но ученикот на Мајсторот, Даниеле де Волтера, се обврзал да ги прекрие со превези гениталиите и задниците на фигурите што се свртени кон капелата.
Затоа, по сите овие непријатни искуства се мисли дека Буонароти ја скршил Пиета, за да не биде обвинет за отстапување од догмата на Католичката црква.
Парчињата од скулптурата Микеланџело му ги подарува на еден од неговите слуги, па откако со помош на студентот Тиберио Калкањи се реставрирани, ги продава на банкарот Франческо Бандини за 200 шкуди.
Во сета оваа слоевита животна приказна, интересен е и односот на доцниот Микеланџело кон скулптурата. Непремавнат во преобликување на мермерниот волумен во човечки, тој веќе не можел да ги доврши своите скулптури. Дали поради физички замор, иако во 1536-41 (но тогаш Виторија беше жива, а спиритуалите непречено дискутираа во нејзините салони) деноноќно подведнат, го отсликува „Страшниот суд“? Или поради онаа микеланџеловска жестина што умеела да го разгори неговиот гениј со неспокој, незадоволство и гнев, дури и во помирната етапа во неговиот живот? Кога во Виторија и Томазо ги нашол долгобараните сродни битисувања.

Во цитираниот есеј на Јурсенар постои дел кога Микеланџело зборува, во прво лице, за предизвикот на љубовта, признавајќи дека сакал една жена, па вели: „Пред да ја легнат во ковчегот жената што му даваше смисла на мојот живот, ѝ ја бакнав раката, но вечно ќе жалам што не ги бакнав нејзините усни, како тие да можеа да ме научат нешто… По смртните маки што просто да ѝ ја искорнат душата, жената што ја сакав, ја зачува на усните вкочанетата и победничка насмевка. Победничка над животот, како во тишината да го презира својот победен непријател и како да се гордее што ја совладала смртта“. Веројатно Јурсенар била поттикната од платното „Микеланџело пред телото на љубената Виториа Колона“ од Франческо Јаковачи, сликар од 19 век на историски и жанр сцени, на кое Микеланџело ја бакнува раката на починатата Виторија. Години подоцна, кога тој ќе умира, крај неговата постела ќе биде верниот Томазо деи Кавалиери.
„Тоа се прости луѓе, кои не носат злато на својата облека“, така одговорил Микеланџело на критиката на Јулије Втори зошто нема злато кај фигурите на Сикстинската капела. Во робусните, искрени сонети посветени на Виторија и Томазо, со кои според Де Санктис во „Историјата на италијанската книжевност“ се издвојува од другите поети на неговата доба, се чувствува онаа одлика што ја забележал Вазари дека избива од Микеланџеловите скулптури и фрески – „благост од силата“, ex forti dulcedo. За која златото е одвишно.
Судбината на Микеланџело, кој како генијален творец, поткренат од жестокоста на својата хронистеричка природа, го раѓа од каменот не само возбудливиот облик на човековото тело туку и избликот дека во тоа тело е дел од телото Христово, наликува на оние големи творци како Караваџо, Бетовен, Достоевски, Ниче…, кои на нескротливата творечка енергија ѝ наоѓаат адекватно прибежиште во својот страстен опивачки свет.