Драмскиот театар од Белград го затвори 63. „Охридско лето“

Извонредната театарска претстава „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во изведба на Драмскиот театар – Белград од Србија, во Античкиот театар го затвори 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Како што истакна директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, во своето завршно обраќање пред повеќе од двеилјадната публика во Античкиот театар, низ изминатите четириесет фестивалски вечери одекна гласот на уметноста од древниот Охрид низ целиот свет, потврдувајќи ја уметничката совршеност негувана и градена со години.
– Реализиравме восхитувачки настани што публиката ги проследи со огромна радост. За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележиме 50-процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е особено значајно е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика. Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници – рече Поповиќ.
Годинашното фестивалско издание на 12 јули започна со спектакуларниот настап на оперската дива Анџела Георгиу, а заврши исто така маестрално, со една современа модерна естетика, актерски впечатлива претстава, интригантна, провокативна и доста комична, со извонредните актери Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и Јелисавета Теодосиќ.

– Тоа е текст што потврдува дека во животот се опстанува со лага, дали за да заштитиме некого, дали за да се скриеме себеси, дали за да изманипулираме некого, таа ни е едноставно неопходна како едно епително ткиво што нѐ заштитува, еден психолошки код за одбранбен механизам, а притоа претставата не се занимава со лагата како феномен, туку со вистината што можеме или не можеме да ја прифатиме таква каква што е, дали е вистина тоа што ќе го слушнеме или е вистина она во што ние сакаме да веруваме и дали после откако ќе се отворат овие прашања, брачните односи остануваат исти, дали ние остануваме исти и дали ќе можеме да останеме, а притоа да не бидеме изедени од параноичните сомнежи – рече селекторката на драмската програма на „Охридско лето“, Сања Арсовска.
По завршувањето на претставата беше изгаснат фестивалскиот оган, кој гореше во текот на изминатите фестивалски вечери, а крајот на ова фестивалско издание беше означен и со богат огномет на небото над Античкиот театар.
Годинашното 63. „Охридско лето“ се одржа со поддршка од претседателот Стево Пендаровски, како покровител на манифестацијата, Владата и ресорното министерство за култура, амбасадите во Македонија, Општина Охрид, како и со поддршка од многубројните поддржувачи на културата. В.Д.