Реакција на Македонското археолошко друштво

Македонското археолошко друштво, археолошката фела и стручните лица во установите за заштита на културното наследство реагираат на предлогот на група пратеници во Собранието на Македонија за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка. Според нив, ваквото законско решение е изработено без вклучување и консултирање со стручната јавност.
– Очигледно е дека со предложеното додавањето еден став во членот 65 од Законот се прави обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита. Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратегиско партнерство и јавен (бизнис) интерес односно, како што е наведено во предложениот текст, во име на: „Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола)‟.
Апсурдот да биде поголем, понатамошното образложение на предлогот гласи: „Меѓутоа, нивната реализација може да се соочи со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи‟, па господата пратеници измислиле „решение со кое го надминуваат проблемот‟, а кое е надвор од секакво здраворазумно однесување на совесни граѓани на оваа држава, уште помалку на пратеници – се вели во реакцијата на Македонското археолошко друштво.
Според друштвото, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, пратениците бараат да се занемари заштитата на културното наследство, која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и се остварува задолжително на територијата на целата држава, без исклучок. Оттука, не смее да се дозволат какви било отстапки и законски процедури со кои се остава простор за уништување културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратегискиот интерес.
Македонско археолошко друштво апелира до пратениците да ги разбудат својата свест и совест и да го спречат „донесувањето криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство“