Самостојната изложба на Мице Јанкуловски, „Црно и црно“, е поставена во галеријата „Фебо и Дафне“ во Торино, Италија, до 6 јануари 2025 година. Изложбата беше отворена како придружен настан на саемот за современа уметност „Артисима“ во Торино, во организација на ТАГ, во рамките на „Ноќта на современата уметност“. Куратор на изложбата е Мелани Зеферино, директор на Музејот за текстил во Кјери и вонреден професор на академијата за ликовна уметност „Албертина“ во Торино.
– Креативното дело на Мице Јанкуловски опфаќа различни медиуми и ја отсликува неговата визија за светот, кој постојано се менува и во кој мноштво работи се движат низ времето и просторот, се преклопуваат на рамнина што се протега бесконечно далеку. Преку контемплација, медитација и креативност, тој воочува, а потоа и обликува универзален поредок, кој опфаќа различност и постојана трансформација. Зад прикажаната идеална претстава на животот на формите се крие опсервацијата на уметникот како клуч за интерпретацијата на неговата филозофија: секое дело има своја историја и се отвора кон мноштво нови димензии – вели Мелани Зеферино за творештвото на Јанкуловски.
Изложбата ја посети многубројна локална и интернационална публика од уметници, колекционери и љубители на уметноста, кои вечерта ја резервираа за посета низ галериите на Торино.