Голем скандал деновиве ја тресе светската уметничка сцена. Делото на Демиен Хирст „Непознатото (истражено, објаснето, експлодирано)“, попознато едноставно како ајкула во формалдехид, датирано во 1990-тите, е всушност од 2017 година. Тоа го покажа истрагата на весникот „Гардијан“, чие откритие веројатно ги изненадило американските милијардери, браќата Лоренцо Фертита и Френк Фертита Трети, кои, како што се верува, издвоиле околу осум милиони долари за делото на Хирст. Станува збор за варијанта на познатото дело „Физичката неможност за смрт во умот на жива личност“ на Хирст од 1991 година, кое своевремено го прослави, кога беше еден од водечките членови на „Младите британски уметници“, и се смета за икона на британската уметност од последната деценија на 20 век.
Оваа четириметарска ајкула на Хирст, исечена на три дела, ја купија браќата Фертита пред шест години за да го украсат луксузниот бар во нивното казино „Палмс“ во Лас Вегас. Познатите и страсни колекционери во 2018 година со голема помпа ја претставија својата аквизиција, досега невидено дело на Хирст од 1990-тите, поточно од 1999 година, како што пишувало во потписот. Во меѓувреме тие ги продадоа хотелот и казиното, а ајкулата, која е дел од нивната вредна уметничка колекција, ќе остане главна атракција во локалот уште некое време, наводно до 2025 година.
Како што изјави Џо Баринг, поранешен директор на аукциската куќа „Кристи“ во Велика Британија, откритието дека некои од делата на Хирст добиле датуми што не одговараат на датумите кога биле физички изработени е само уште еден доказ за недоволната транспарентност во светот на уметноста.
– Хирст е уметник со толку голема моќ што го бараат музеите што сакаат да ја зголемат продажбата на билети, но и колекционерите што сакаат да поседуваат допир на ѕвездена прашина. Но таа моќ значи дека луѓето се плашат да поставуваат прашања – изјавил Баринг.
Како одговор на прашањата на „Гардијан“, компанијата на Хирст, „Сајенс“, рече дека датумот доделен од уметникот на делата од формалдехид не го претставува датумот на нивното создавање.
– Делата од формалдехид се концептуални уметнички дела и датумот што им го доделил Демиен Хирст е датумот на зачнувањето на делото – велат од компанијата.
Хирст, кој некогаш важеше за лошо момче на британската уметничка сцена, кое ја изгради својата репутација врз основа на контроверзии, не беше поштеден ниту од уметничкиот критичар на „Гардијан“.
– Она што го направи ми изгледа како горчлива шега, не само со уметничкиот свет, кој веројатно го заслужува тоа туку и со самата историја. Животните од формалдехид на Хирст секогаш ќе бидат дел од приказната за Британија од крајот на 20 век. Сега тој не само што отвори прашања за потеклото на неговиот каталог на претходни дела туку и го уништи секое верување што би можеле да го имаме во неговата креативна иднина. Денес Хирст слика ужасни морски пејзажи и градини и игра бесмислени игри со дигитални токени и неговото создавање скулптури, кои датираат од неговите помлади, подобри денови, открива уметник толку удобно вкочанет што може филозофски да медитира за сопствената креативна смрт – напиша критичарот.