МОЈАТА АЗБУКА: Андријана Јаневска, музичарка, пејачка, авторка….

А – авантура, август, автомобил, автор, Ацо Шопов
Авантурист сум по природа, вљубеник во автомобилизмот, обожавам да возам. Од дете творам и автор сум на голем број музички дела. Учев во основното училиште „Ацо Шопов“, кој е еден од моите омилени поети.

Б – брат, борба, баланс, балет, Барселона, Божиќ, Бах
Брат ми се вика Роберт, а борбата означува вечен стремеж. Баланс затоа што најважна е умереноста, балет затоа што уживам додека свирам балети. Барселона е мојот омилен град и фудбалски тим, Божиќ е најубавиот празник, а Бах татко на хармонијата.

В – виолина, вода, Вардар
Виолината е мојот инструмент, сакам да живеам покрај вода, било да е река, езеро, море или океан. Вардар е симбол на мојот град Скопје.

Г – Гиновски, гнездо, гитара
Гиновски е презимето на моите деца и сопруг и името на нашето музичко студио. Гнездо ме асоцира на семејство и дом, а гитара на мојот сопруг Гино.

Д – Димитар, дом, дете
Димитар е името на мојот најстар син (11 години), дом не е некаде туку со некого, а детето е симбол на животот.

Ѓ – ѓеврече
Мојот омилен појадок е ѓеврече. Уште поубаво ако е варено, охридско.

Е – езеро, есен, етномузикологија, етида
Езеро како нашите најубави Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро. Есента е едно од најинспиративните годишни времиња, а етномузикологијата е она што го изучувам последниве пет-шест години. Етидите се вежби за виолина со кои пораснав.

Ж – живот, желба
Вљубеник сум во животот, со најубави желби за сите луѓе.

З – здравје, Земја, знаење
Без здравје, не можеме ништо. Планетата Земја е нашата мајка, која мора да ја чуваме и сакаме. Знаењето е сè!

Ѕ – ѕвезди, ѕвонче
Ѕвездите далечни нè потсетуваат колку сме мали во споредба со универзумот. Училишното ѕвонче е спас од испрашување!

И – игра, име, инструмент
Иако имам 40 години, сѐ уште сакам да играм разни игри. Името е суштина! Инструментот е мојот живот.

Ј – јоргован, јавор, јунак
Јоргованот има најубав мирис, а во мојот двор имам посадено два јавора за моите две деца, моите јунаци.

К – Кристијан, книга, концерт, клуч, компонирање, култура
Мојот помал син се вика Кристијан (7 години). Имам над 1.000 книги во мојата домашна библиотека. Концертите се дел од моето секојдневие, а од клучеви, најмногу го сакам виолинскиот клуч. Обожавам настани од областа на културата.

Л – лето, лале
Моето омилено годишно време е лето, а лалето е мојот омилен цвет.
Љ – љубов, љубезност, Љуботен
Љубовта е најубав двигател, а љубезноста е многу важна карактерна особина. Љуботен ми е еден од омилените врвови на кои сум се искачила.

М – мајка, Македонија, музика, мир, микрофон, мачка, „Месечева светлина“
Многу ми недостига мојата мајка, која ми беше најголема поддршка. Македонија е мојата втора мајка. Во музиката го наоѓам својот мир. Микрофонот е дел од мојата професија. Мачка е моето омилено животно, а „Месечева светлина“ на Клод Дебиси е едно од моите омилени дела.

Н – ноти, Нада, Николина, наставник, Нова година, „Носталгија“
Нотите се моите букви. Нада е името на мојата мајка, а сестра ми се вика Николина. Една од моите професии е наставник, Новата година со нетрпение ја чекаме сите, а „Носталгија“ е наслов на една од моите песни, со која победив на „Скопје фест“ во 2001 година.

Њ – Њујорк
Њујорк е градот во кој на 4.8.2017 година премиерно беше изведено моето дело „Бог и јас“, циклус песни за мецосопран, виолина, пијано и електрична гитара.

О – опера, Охрид, оркестар, оган
Во Македонската опера и балет работам точно 20 години, како прва виолина во оркестарот. Охрид е мојот омилен град, а огнот е симбол на топлина и светлина.

П – пеење, пливање, природа, планина, птица, песна, поезија, парк, пролет
Песната и пеењето се мое секојдневие. Сакам да пишувам и читам поезија. Вљубеник сум во природата, особено сакам планини и пешачење низ парк. Обожавам да пливам, а пролетта е симбол на надеж, ново раѓање.

Р – Роберт, Ристо, работа, радио, риба
Името на мојот брат е Роберт, а мојот татко се вика Ристо. Работата го краси човекот и мора да бидеме вредни. Радиото е симбол на моите почетоци кога немаше интернет, а обожавам да јадам риба.

С – семејство, спокој, сестра, сонце, Скопје, син, сон
Најважни нешта во мојот живот се семејството и спокојството. Без сонцето нема да постоиме, а Скопје е мојот роден град. Будна сонувам и ги обожавам моите синови.

Т – татко, татковина, топлина, традиција, такт
Мојот татко е една од најважните фигури во мојот живот. Татковината е место во кое сме се родиле, имаме дом и семејство, во неа чувствуваме топлина. Традицијата е нешто што се трудам да им го пренесам на моите деца. Такт е музички симбол.

Ќ – ќебапчиња, ќебе, ќумбе
Сакам да јадам ќебапчиња, а зимно време да гледам филмови под ќебе. Ќумбето ме потсетува на домот на баба и дедо во Колонија.

У – училиште, ученици, умереност, уметност, универзум, утро
Училиштето е мојот втор дом, а учениците ги сакам како мои деца. Во умереноста е клучот, а уметноста е душата на животот. Благодарна сум на секое ново утро, а навечер често размислувам за големината на универзумот и она што нè опкружува.

Ф – февруари, фолклор, факултет, фантазија, фудбал, Формула 1
Во февруари е роден мојот помал син. Вонредна професорка сум на Факултетот за музичка уметност, а докторатот ми е од областа на македонскиот фолклор. Цел живот фантазирам, а најомилени спортови ми се фудбал и Формула 1 (навивам за Ферари).

Х – Холандија, хармонија, херој, храброст
Холандија е мојата омилена земја, а хармонија е музички предмет што е многу важен за професионалните музичари. Да бидеш храбар е прекрасна одлика, денес се ретки хероите.

Ц – цвеќе, црвена, цреша
Љубител сум на цвеќиња и ги имам во огромен број. Мојата омилена боја е црвена, а црешата ме потсетува на дрвото во дворот на моите родители. Ја посадиле црешата кога јас сум се родила.

Ч – чоколадо, Чајковски, човек, човештво
Сакам да јадам чоколадо, а Чајковски е еден од моите омилени композитори. Најважно е да бидеш добар човек, само така човештвото има надеж.

Џ – џагор, џаде, Џакомо Пучини
Детскиот џагор ме потсетува на безгрижност, детство, игра… Баба ми често велеше: Оди да си играш на џаде (пат). Џакомо Пучини е најгенијалниот оперски композитор.

Ш – шах, шега, Шар Планина, шетање, штимање, шума
Сакам да играм шах, обожавам да шетам, особено низ шума. Шар Планина е македонско богатство со најубавите и највисоки врвови. Не можам да свирам виолина без да ја наштимам. Многу сакам да се смеам и шегувам.


Драги деца, на страниците на „Колибри“, во рубриката што ја насловивме Мојата азбука, ентузијасти и творци, чија дејност е поврзана со децата и нивната едукација, преку својата азбука ви ги откриваат својот свет, желби и достигнувања.

Денеска наша гостинка е Андријана Јаневска (41), позната македонска пејачка, која е и извонредна виолинистка, композиторка, текстописка, но и љубителка на спортот и, воопшто, на животот. Нејзината креативност, меѓу другото, е поврзана и со светот на децата. За најмладите ги издала албумите: „Ѕвездичка мала“, „Кога си среќен“, „Заспивалки“ и „Слушни, пеј, играј“.

Таа работела како наставничка по музика на факултетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА Париз – Скопје – Њујорк“ и во гимназијата „Алгоритам“, била наставничка по виолина во музичкото училиште во Куманово, а предавала солфеж, теорија на музика, естрадно пеење и пијано во музичкото училиште „Ентерпрајз“.

Неколку години е главна музичка менторка на македонските претставници на детскиот „Евросонг“. Работи и како надворешна стручна музичка соработничка во списанијата за деца „Росица“ и „Смешко“. Секоја година е редовен гостин-предавач во институции од јавен интерес, културно-информативни центри, градинки, основни и средни училишта.

Таа е сопственичка е на приватно музичко училиште, каде што во моментов се образоваат над 100 ученици по предметите виолина, пијано и соло-пеење – популарни жанрови. За само две години, учениците по соло-пеење освоија седум први места, едно второ и една гранпри-награда на меѓународни натпревари.

Андријана како да има некое волшебно стапче со кое наоѓа време и инспирација за сѐ што прави во животот, а доколку нешто ја преокупира, тоа го прави перфектно.
Така, во 2004 година дипломира со највисока оценка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на вокално-инструменталниот оддел – отсек виолина. Во 2011 година магистрира со просек 10,00 на одделот за Музичка теорија и педагогија, а во моментот ја подготвува докторската дисертација на Институтот за фолклор. Како виолинистка настапувала во повеќе држави насекаде низ светот, а добила и голем број признанија.

Како пејачка и авторка, дебитира на „Скопје фест“ во 1998 година со своја композиција, а во 1999 година на истиот фестивал ги освои наградите за најдобра интерпретација и за најдобар текст и втората награда од жирито. На „Скопскиот фестивал“ во 2000 година настапува со песната „Твоето писмо моја библија“, која стана хит на деценијата. Победничка е на „Макфест 2000“, со песната „Љубов ти е адреса“, а во 2001 година на „Скопскиот фестивал“ освојува гран при со песната „Носталгија“.

Освен што пее и работи како виолинистка, таа свири пијано и бас-гитара.
Најголемо хоби ѝ е шахот, а како портпаролка на Шаховската федерација на Македонија, го организира Европскиот шаховски куп во Струга.
Од 2009 година е во брак со Драган Гиновски-Гино, познат македонски рок-гитарист и аранжер („Архангел“), со кого има два сина, Димитар (11) и Кристијан (7), кои за неа се инспирација за сѐ што прави. М.Т.