На 29 септември, во Штип, по пауза од 25 години

По пауза од 25 години, Штип повторно ќе добие детски фестивал. „Весело штурче“ со нови сили ги обедини децата од цела Источна Македонија, песните се веќе снимени и в четврток ќе одекнат во домот на културата „Ацо Шопов“.
– Поради големиот интерес, ќе има две претстави, од 17 и до 19.30 часот. Ќе бидат испеани 22 песнички за деца. Ќе има два дуета, а и хор составен од 14 деца, но и бенд, кој ќе го сочинуваат млади таленти што се јавија на аудицијата за која навистина владееше голем интерес. Дел од ова издание се вкупно 70 распеани момчиња и девојчиња. „ФИС продукција“ застана зад проектот, а меѓу авторите се: Андријана Јаневска, Кристијан Габровски, Томислав Таневски, Огнен Неделковски, Мирче Кикиритоков, Љупчо Стефанов-Цоцо, Катерина Ивановска, Антонио Ристовски, Божидар Симоновски, Марија Докузова, Лариса Шулин и други. Интересно е дека инструментите се снимени во живо, а целиот материјал ќе се најде на цеде што ќе го добијат сите учесници, а ќе може и да се купи, заедно со песнарка. Фестивалот ќе се снима и одложно ќе се емитува на телевизијата Алфа, заедно со анимирани цртани филмови со веселото штурче. Секако, ќе има и маскота на сцената, а интересни е дека го задржавме логото што своевремено го изработил Методија Андоновски – ни рече Филип Стевановски.

Тој со сопругата Ирена Крстевска Стевановска е главниот виновник за обновувањето на оваа детска манифестација, која своевремено беше под закрила на реномираниот фестивал на забавни мелодии „Макфест“.
– Всушност, фестивалот на песни за деца е во организација на ЗКУН „Уметност за сите – Штип“, директор е музичарот Филип Стевановски, а претседателка на организацискиот одбор сум јас. Уметничкиот совет на фестивалот е составен од реномирани музичари и професори. Зад фестивалот стои еден тим составен од врвни професионалци – ни рече Ирена Крстевска Стевановска, сопруга на Филип.

Зад „Весело штурче“ застанаа познати фирми од градот, како и локалната самоуправа.
– Овој фестивал ќе биде можност за создавање нови таленти, снимање во студио, настап на сцена, како и учење на вистинските уметнички вредности во областа на музиката. Идејата за обновување на овој детски фестивал е во реализација на добропознатите музички имиња, сопружниците Ирена Крстевска Стевановска и Филип Стевановски, кои несебично ги вложија своето знаење и искуство за повторно да му го вратат сјајот на „Весело штурче“. Се надевам дека традицијата ќе се продолжи и во иднина, уживајќи во песните што низ годините стануваат големи и познати музички хитови – вели Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

А сопружниците Стевановски се многу задоволни од сработеното во изминатиот период.
– Се радуваме што сѐ се одвиваше како што треба и што в четврток ќе прозвучат нови детски песнички, кои по Штип ќе можат да ги слушнат и децата во други градови во земјава – вели Филип Стевановски, кој е познат музичар, но и професор по музика.
Стевановски е и директор на „Џез-фестивалот“ во Куманово, предава музика и на Универзитетот во Штип, а со својот бенд настапува самостојно, но ги придружува и најпознатите наши пејачи и групи на нивните концерти.

За Ирена овој фестивал има голема важност, бидејќи ги буди спомените на едно прекрасно детство.
– Сакаме да допреме до секое дете преку музика, песна, позитивна мисла и креација на нова македонска музика. Сакаме светот на децата да биде исполнет со нова музика и песни што ќе ги одбележат нивното време и нивното детство, како што ние растевме со прекрасна музика, а и ден-денес ги пееме песничките од „Весело штурче“ – посочува таа.

Сопружниците Стевановски за востановување на фестивалот имаа поддршка и од Стојан Троицки, кој, всушност, го основал „Весело штурче“, како предвесник на „Макфест“.
– Се трудевме уште од самиот почеток да ги почитуваме вредностите што своевремено ги постави оваа манифестација и се надеваме дека со нејзиното обновување ќе се задржат сите добри страни, начинот на работа и професионалната организација и пристап кон македонската музика – велат Филип и Ирена Стевановски. М.Т.