Бидете активни

Европската недела на спортот, која е во тек, почна да се организира во 2015 година, за да одговори на растечката криза на неактивност. Европската Унија годинава ја промовира оваа акција со мотото „Бидете активни“, но со додавката „цела година, не само една недела“. Во Македонија на оваа „Недела“ се надоврза и успешниот почеток на реализацијата на проектот за шах во училиштата. И за двете овие акции, проекти… најбитна е додавката на мотото на Европската недела на спортот, „цела година, не само една недела“. Спортската активност е добро да се применува 12 месеци, а шахот конечно, по многу години обиди, добро би било да е присутен во училиштата во текот на целата учебна година. Со комбинацијата на соодветно зголемена физичка активност и со влегувањето на шахот во училиштата може да се добие одлична комбинација за сеопфатен развој, особено што некои бенефиции од шахот и од физичката активност и организираното спортување се испреплетуваат

Во Европската недела на спортот, која е во тек, Европската Унија ја промовира оваа акција со мотото „Бидете активни“, но со додавката „цела година, не само една недела“. Европската недела на спортот почна да се организира во 2015 година, за да одговори на растечката криза на неактивност. Спортот и физичката активност даваат значаен придонес за благосостојбата на луѓето, а според податоците на Европската Унија, нивото на физичка активност стагнира, па дури и опаѓа во некои земји.
„Евробарометар“ објави дека 45 отсто од испитаниците во Европската Унија изјавиле дека никогаш не вежбаат или спортуваат. Тоа е за еден процент помалку отколку истражување во декември 2017 година. Спротивно на тоа, 38 проценти го прават тоа барем еднаш неделно, шест отсто пет пати неделно или повеќе. Повеќе од половина од испитаниците во осум земји, пак, велат дека никогаш не вежбаат или спортуваат.

Потоа е и податокот колку дена во соодветните седум дена луѓето пешачеле најмалку 10 минути, никогаш одговориле 13 отсто, што е помалку за два проценти, а 26 отсто се движеле од еден до три дена во соодветната недела, што е зголемување за три проценти итн. „Неделата“ постои за да ја подобри свеста за важноста на активниот начин на живот за секого и е дизајнирана да им даде на луѓето отскочна штица за да бидат активни, а и малото зголемување на редовната физичка активност може да има големо влијание врз долгорочното здравје.

Агенцијата за млади и спорт петта година по ред е носител на проектот Европска недела на спортот и организира низа активности низ Македонија (рекреативни спортски игри и активности приспособени за сите возрасти). Згора, во текот на Европската недела на спортот беше и Европскиот ден на училишниот спорт, исто така, проследен со спортски активности.

Во Македонија, на оваа „Недела“ се надоврза и успешниот почеток на реализацијата на проектот за шах во училиштата (за прво, второ, четврто и петто одделение), со почнатата обука на наставничкиот кадар по предметот Шах. Според многу експерти, играњето шах од најмала возраст, покрај можноста да се стане квалитетен и успешен шахист, носи повеќекратни бенефиции за секојдневниот живот, исто како и физичката активност, на долги патеки, а според познавачите, како некои од придобивките, шахот учи како да победите и како да примите пораз, шахот може да помогне во концентрацијата, шахот е одлична едукативна алатка за училиштата итн.

И за двете овие акции, проекти… најбитна е додавката на мотото на Европската недела на спортот, „цела година, не само една недела“. Така, спортската активност е добро да се применува 12 месеци, а шахот конечно, по многу години обиди, добро би било да е присутен во училиштата во текот на целата учебна година.
Со комбинацијата на соодветно зголемена физичка активност и влегувањето на шахот во училиштата може да се добие одлична комбинација за сеопфатен развој, особено што некои бенефиции од шахот и од физичката активност и организираното спортување се испреплетуваат. Движењето и вежбањето се од големо значење (особено сега, по ограничувањата поврзани со пандемијата) поради многу причини, вклучувајќи и за да се направи имунолошкиот систем што е можно посилен.

Пандемијата донесе и зголемени проблеми со менталното здравје, а движењето има директни позитивни ефекти и врз менталното здравје. Хипократ, таткото на модерната медицина, рекол: Одењето е најдобар лек за човекот. Шахот, пак, развива креативност, гради самодоверба, развива вештини за решавање проблеми, го вежба мозокот, според некои помага да се развијат и логично размислување, комбинаторика, имагинација, интуиција, упорност, истрајност, емоционална стабилност, вештини за планирање и одлучување, го поттикнува тимскиот дух и ја зајакнува индивидуалноста, развива визуализација, анализа, концентрација, трпение, умереност, влијае на развојот на самодовербата и на емоционалната стабилност, развива способност за планирање и за донесување одлуки. Една студија заклучила дека играњето шах може да ги зајакне вештините за решавање проблеми, да ја подобри меморијата, да го поттикне креативното размислување…

Со сите овие бенефиции, јасно е дека одлично би било Европската недела на спортот да трае цела година, шахот да стане составен дел на наставата во училиштата, а следствено на двете 365-дневни активности корист, покрај подобрување на општото здравје, би имал и вкупниот спорт во Македонија, оти активноста прво би донела запознавање, потоа веројатно и љубов кон соодветниот спорт, можност за учество во организирани спортски активности (клубови), сето тоа носи поширока спортска база, а тоа неминовно ќе донесе квалитет, со кој подоцна ќе се постигнуваат успеси, ќе се освојуваат медали. Но потоа може да следува и соодветно затворање на кругот, оти медалите (генерално успесите) можат да донесат нов бран вљубеници во спортот, уште поширока база…

Секако, познато е дека ништо не доаѓа прекуноќ, но тој почетен импулс на успех потоа може да стане своевидно перпетуум мобиле, па да донесе почеток на еден нов круг, кој почнува со спортската активност и се заокружува со меѓународно мерлив успех. Потоа тоа раѓа поттик, самодоверба, поголеми мотиви и амбиции, позитивност во мислите, тоа се преточува и во смелост и спортска дрскост и води кон победнички менталитет. „Победата не е сѐ, но желбата за победа е сѐ“, рекол славниот тренер во американски фудбал Винс Ломбарди. И одново потоа сѐ би почнало во базата, за нов квантитет, потоа за нов квалитет…

„Цела година, не само една недела“.