Во домот на културата „Македонија“ во Гевгелија
Над 60 члена неодамна успешно ја презентираа работата на Драмската секција за деца при домот на културата „Македонија“ во Гевгелија.
Со премиерните изведби на театарските претстави: „Тоа е животот“ и „Каде ли е, кај се крие“ во пионерскиот дом „Јосип Броз Тито“ и во Народниот театар – Гевгелија, а во режија на Катица Џишева Дупарова, деца и младинци на различни возрасти го покажаа својот извонреден талент за глума пред своите сограѓани.
Во првата претстава се слушнаа поуки за тоа што може да донесе животот – комбинација од драмски текстови на Горан Стефанов, Оливера Николова и на Киро Донев, споени во една целина. Во втората пиеса се бараше една бунда низ патување во повеќе сказни, по сценарио на Афродита Кирјаковска.
За успешната работа во изминатиот период на Драмската секција за деца, во поставките на детските претстави несебичен влог дадоа и соработниците сценографи Гордана Петрова и Перо Кованцалиев, костимографката Олгица Станојков и Александар Јанев за реквизитите. За музичките обработки беше задолжен Влатко Сапламаев, а за техничката поддршка Коста Ампов.