Фото: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Скопје

Учениците од 3-б одделение од скопското ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ го одбележија Светскиот ден на ретките болести

Со креативни изработки и пораки, учениците од 3-б одделение, при ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од скопска Кисела Вода, го одбележија Денот на ретките болести, 29 февруари. Низ игра, заедно со Весна Алексовска, претседателка на здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“, тие направија работилница и се запознаа со поимот ретка болест и зошто се одбележува овој ден.
– Работилницата ја започнавме со тоа што најпрво ги запознавме учениците со поимот ретка болест, зборувавме за тоа колку различни ретки болести има, колкав е бројот на овие пациенти во светот и во Македонија и со кои предизвици тие се соочуваат за да имаат подобар живот – вели Алексовска.
Како поддршка за луѓето со ретки болести, учениците ставаа отпечатоци од дланките во различни бои на хамер, а на хартиени зраци од сонце пишуваа поими и пораки, во знак на поддршка. Од зраците направија големо сонце, кое им го посветија на луѓето со ретки болести. На крајот, од детските пораки, го креираа и нивното мото за овој ден – „Сите сме уникатни, но исти под ова сонце“.
– Ваквите активности придонесуваат за развивањето емпатија, разбирање и почитување кај дечињата. Оваа работилница беше токму таква. Учениците се запознаа со нешто што за нив е ново, но нешто со кое можеби се соочуваат и нивни другарчиња, нивни роднини, луѓе познати и непознати… и дека за сите нив треба да имаме сочувство, емпатија, почитување и дека сите сме посебни, но сепак исти – вели одделенската наставничка Анета Буковалова.

Фото: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Скопје

На крајот на работилницата, учениците добија благодарници за поддршката на Денот на ретки болести од здружението „Живот со предизвици“.

Фото: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Скопје
Фото: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Скопје
Фото: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Скопје