Низ страниците на македонската литература за деца:
„Чај од мајчина душичка“ од Ивце Пивце

Клечев здрвено. Без да трепнам. Бев збунето. Секаде околу мене имаше лисја. Влажни. Не многу студени и замрзнати како пред некое време. Низ нив продираше некаква светлина.Таа создаваше некои чудни бои, кои ги немаше порано, беше и некако топла. Сакав да ја допрам. Сакав да ја видам. Но… слушнав некаков џагор што го немаше до пред некој ден. Се слушаа детски гласови. Одвреме-навреме ќе чуев и некои подлабоки гласови, тие беа строги, заповеднички, понекогаш викаа по нешто. Гласовите се слушаа оддалеку, се приближуваа. Тогаш се здрвував уште повеќе. Не трепнував, не дишев. И кога гласовите беа најблиску, продолжуваа понатаму. Ми олесна. Не ме видоа овој пат. Се охрабрив, се решив: ќе ја протнам главата низ лисјата да видам што се случува наоколу. Кои се тие што се смеат и довикуваат, трчаат и се влечкаат! Длабоко зедов воздух и излегов. Еј, па и воздухот е многу убав. По малку остар, но свеж и убав. Сонцето ми го заслепи видот. Сепак, се обѕрнав наоколу. Се изненадив. Паркот беше полн со луѓе. Многу деца, родители, баби, понекој велосипед и тротинет. Повештите со ролерки.

„Готово сум, ќе ме лапне“, си реков. Се доближуваше едно кученце. Носето му беше како варен костен – црно и влажно. Тоа пријде и се наведна. Ушите му допираа до земјата. Ме помириса. Заврти зачудено со главата и… си замина. Само што помислив дека се спасив, видов друга опасност. Едно девојче трчаше кон мене:
„Мамо, види. Види! Кокиче. Првото кокиче!“
Клекна до мене. Фустанчето ѝ допре до земјата. Нејзиното раче се доближуваше, ме фати. Само главата ми беше надвор од рачето. Готово сум. Колку и да е нежно ова раче, ќе ме скине. Ова мора да е крајот.
– Стој Јана, не мрдај!
-Но мамо….
– Насмевни се, ќе те сликам.
– Но мамо, ќе ѝ го однесам на баба. Ќе го ставиме во чаша до прозорецот.
– Не, Јана. Оваа слика ќе ја врамиме и ќе ѝ ја подариме на баба. Кокичето ќе го оставиме. И другите деца сакаат да го видат, да му се израдуваат. Утре ќе дојдеме повторно да видиме колку пораснало.
„Уф, помина. Блазе си им на децата со вакви мајки. Па, тие внимаваат дури и на едно кокиче“.


– Во некои места кокичето го нарекуваат и висибаба.
– Тоа е повеќегодишно растение.
– Прво процветува: уште пред да дојде пролетта и пред да се стопи снегот.

Илустрација: Томче Јосимовски