Во петокот во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје од 19 часот беше промовирана првата илустрирана книга за шах, насловена „Ајде да играме шах“, од Орце Данчевски.
Книгата ја претстави познатата вокалистка Андријана Јаневска, која е и љубителка на шахот.
На промоцијата имаше продажна изложба на илустрациите нацртани и наменети за книгата од академските сликари и професори Игор и Викторија Егорови.
– Книгата е спој на елементи од сликовница и енциклопедија, со што децата лесно ќе ја засакаат шаховската игра, а наставниците ќе имаат одлично помошно средство во наставата – соопштија од ПСУ „Јахја Кемал“.
Во оваа образовна установа овој месец шахот ќе почне да се изучува како изборен предмет за учениците од прво и од второ одделение.