Во Кавадарци се одржа првиот инклузивен фолклорен фестивал „Фатени за раце го менуваме светот“

Мирјана Мукаетова

Фестивалот покажа дека со помош на музиката, песната и орото многу лесно се бришат или се занемаруваат разликите и оти со здружени сили може да се направи многу

Успешниот хуман проект „Фатени за раце го менуваме светот“, кој во декември минатата година го реализира фолклорниот ансамбл „Тиквеш“, кој работи во рамките на домот на културата „Иван Мазов Климе“ и со учениците со посебни образовни потреби од ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, прерасна во регионален инклузивен фолклорен фестивал со истиот назив. Своето прво издание фестивалот го имаше минатиот вторник, на 7 јуни, а учествуваа фолклорни ансамбли и лица со посебни образовни потреби од: Велес, Штип, Неготино и од градот домаќин Кавадарци.
Идејни творци на овој прв инклузивен фолклорен фестивал во Македонија се етнокореологот Методи Глигоров од ансамблот „Тиквеш“ и дефектологот Зоран Велков, наставник во ОУ „Страшо Пинџур“. Тие што искрено посакуваат регионалниот фестивал да продолжи да расте на ниво на целата држава и да стане традиционална манифестација.

На фестивалот во Кавадарци настапија учениците од основното училиште за деца со посебни потреби „Маца Овчарова“, членовите на КУД „Коле Неделковски“ од Велес, учениците од средното училиште за деца со посебни образовни потреби „Искра“ и КУД „Ристо Донев-Учителот“ од Штип, учениците од посебните паралелки од ОУ „Страшо Пинџур“ и фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ од Кавадарци и од Неготино, претставниците од Дневниот центар за лица со посебни потреби и КУД „Јане Сандански“. Проектот е целосно поддржан од градоначалникот и од Советот на Општина Кавадарци, како и од Домот на културата и основното училиште „Страшо Пинџур“.

Заеднички до целта

Убавата атмосфера и насмеаните игроорци на сцената облечени во убавите и колоритни народни носии, дополнета со звуците на прекрасната македонска народна музика, овозможија прекрасно и несекојдневно доживување за сите учесници. Фестивалот покажа дека со помош на музиката, песната и орото многу лесно се бришат или се занемаруваат разликите и оти со здружени сили може да се направи многу.
Приказната за фестивалот започна уште пред три години, во рамките на фолклорните работилници што членовите на ансамблот „Тиквеш“ ги реализираа со децата со посебни образовни потреби.
– Средбата со овие деца, нивната искрена радост и среќа за време на работилниците беше вистинскиот мотив да ја продолжиме соработката со нив и заедно со нивниот наставник дефектологот Зоран Велков да го изготвиме проектот „Фатени за раце го менуваме светот“. Успехот што го постигнавме на заедничкиот концерт во декември минатата година ни даде уште поголема мотивација, па така, со почетокот на второто полугодие продолживме двапати неделно да одржуваме проби еднаш во просториите на училиштето и еднаш во Домот на културата за да ги подготвиме точките за првиот фестивал.

Наидовме на одлична соработка со фолклорните друштва од Велес, Штип и од Неготино, подадената рака беше веднаш прифатена и така се роди историјата на првиот инклузивен фолклорен фестивал од ваков вид во Македонија. Мислам дека ваквите случувања се потребни, а нашиот фестивал претставува еден позитивен пример во целосното прифаќање и инклузивност на лицата со посебни образовни потреби – вели етнокореологот Методи Глигоров.

Фестивалот ќе се прошири и во други градови

Тој дополни дека негова желба била да им покаже на другите дека заеднички може многу да се направи, па и еден ваков регионален фестивал.
– На мое огромно задоволство во септември ваков фестивал треба да се случи и во градовите Велес, Штип и Неготино. Искрено посакувам проектот „Фатени за раце го менуваме светот“ како регионален фестивал да порасне и да се прошири на ниво на Македонија. А зошто да не прерасне и во традиционална манифестација, која ќе биде значаен поттик за лицата со посебни образовни потреби. Навикнати сме во јавноста во месец декември малку повеќе да се зборува за лицата со посебни образовни потреби, но чинам тоа не е доволно, бидејќи нивното целосно прифаќање и инклузивност се потребни од најмала возраст. Ние бевме со нив на сцената облечени во народна носија, игравме и пеевме со нив и одблиску можевме да ја почувствуваме радоста на заедничката дружба, прифаќањето на подадената рака и среќата на нивните лица. Јас навистина верувам дека само фатени за раце можеме заеднички сите ние да го менуваме светот на секое поле – вели дефектологот Зоран Велков.