Годинава првпат имаше и детско жири, а тоа за најдобра претстава на фестивалот ја избра претставата на „Летечките актери“ од Тетово, „Последната битка“

Се одржа 10-от театарски фестивал за деца и млади „Малиот принц“ во Штип

Десеттото јубилејно издание на театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“, кој годинава се одржа под мотото „За секое дете – за секој цвет и за оној чија отсутност мириса“, се одржа во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, од 1 до 10 октомври.
Свеченото отворање беше на 30 септември, со промоција на креативниот перформанс во кој учествуваа магионичари, жонглери, принцови и принцези, живи статуи, кловнови. Сето тоа беше поткрепено со многу музика и подароци за присутната публика. Перформансот се одржа на платото пред домот.
Младите гледачи, заедно со нивните родители, можеа да погледнат шест театарски претстави за деца, а организаторите се потрудија влезниците да чинат симболични 100 денари.

– Изминаа десет години како Малиот принц, војникува во штипскиот културен простор. Десет години се токму години децата да се почувствуваат подготвени за сите идни предизвици што ќе им ги приредат штиците живот што значат. Маршираат малите ножиња во стројот на Малиот принц, јасно и гласно извикувајќи: „Светот е за секој од нас, за секој цвет и за оној чија отсутност мириса!“ Учени и научени да гледаат со срцето, стануваат голем предизвик за иднината на природата мајка, на светот. Малиот принц е наук за големи победи. Со секоја минутка, со секој ден, со секоја година, со своите појава низ разни дела, јасно и гласно го потврдува тоа. Еден ден кога ќе го освои светот, насмевките на децата ќе го заменат сонцето. Светот ќе се вика Радост, а животот во него среќа – вели Трајче Кацаров, уметнички директор на фестивалот.
Тој дополни дека токму ваквите фестивали се начин театрите посериозно да пристапат кон подготвување детски претстави, бидејќи за децата и за нивниот натамошен развој тие имаат големо значење.

Според директорот на Домот на културата, Горан Трајков, фестивалот има забавен, но и едукативен карактер, а истовремено тоа е шанса за создавање нова театарска публика. Токму затоа беше распишан анонимен конкурс за драмски текст за деца од страна на НУКЦ „Ацо Шопов“, кој наиде на голем интерес кај авторите.
Од пристигнатите десетина текстови, стручното жири за најдобар го избра текстот „Ајварко, Кифи и Мистер Хамбургер“ на Огнен Неделковски, кој ќе биде поставен наскоро, а на авторот му припадна и парична награда во износ од 1.000 евра.
Беа изведени претставите: „Малата сирена“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово, „Убавицата и ѕверот“ на Малиот театар – Прилеп, „Чунгалунговски, Пепелашка и принцот Тортичка“ на домаќините НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, „Пат околу светот“ / НУЦК „Антон Панов“ – Театар Струмица, „Трнорушка“ / „Последната битка“ / Летачка театарска трупа – Тетово и „Тоби“ – Н.У. „Театар за деца и младинци“ – Скопје, на која ѝ беше доделено највисокото признание, гран при на фестивалот, како и наградата за најдобра режија, која ја доби Драгослав Тодоровиќ.

И театарот од Куманово доби две награди: Крсто Богоевски го доби признанието за најдобра сценографија во претставата „Малата сирена“, а Кети Тодоровска го доби признанието за најдобри костими. Томе Темелковски,пак, е награден за најдобра музика во претставата „Убавицата и Ѕверот“ на театарот од Прилеп
Годинава за прв пат имаше и детско жири, тоа за најдобра претстава на фестивалот ја избраа претставата на „Летечките актери“ од Тетово, „Последната битка“.

М.Т.