Фото: Зоран Антоски

Во организација на здружението „Екосвест“ од Скопје

Здружението „Екосвест“ од Скопје, во соработка со раководството на детските градинки од Кичево, организира ликовен конкурс на темата „Екологија“, на кој можеа да учествуваат децата од детските градинки, на возраст од пет и шест години.
– На ликовниот конкурс пристигнаа цртежи од 43 дечиња, а три беа прогласени за најуспешни. Трето место и ваучер од 2.000 денари освои Сара Илијоска, второпласирана е Деспина Богојоска, која беше наградена со ваучер од 4.000 денари, а првото место ѝ припадна на петгодишната Дуа Сејдини. Таа за освоеното прво место доби ваучер од 6.000 денари. Жирито што одлучуваше за тоа кои цртежи се најуспешни го сочинуваа професор по ликовна уметност, претставник на Управниот одбор и претставник на родителскиот совет на детските градинки – истакна Невена Смилеска од здружението „Екосвест“ од Скопје.

Претседателката на жири-комисијата, професорката Лулзиме Османи, посочи дека конкуренцијата била исклучително изедначена.
– Ова е прв ваков конкурс што се организира во Кичево. Пријатно сме изненадени од квалитетот на цртежите што пристигнаа и беше навистина исклучително тешко да се изберат најдобрите. Сметаме дека наградите ги добија најубавите еколошки цртежи – рече професорката Лулзиме Османи, претседателка на комисијата за избор на најуспешни цртежи.
За сите учесници на ликовниот конкурс здружението „Екосвест“ обезбеди еколошки торби, боенки и по една книга за деца.

З.А.