Ноемвриско
заснежување
Доцната есен знае
за дождови, ветрови,
застудување.
Утринава
осамна изненадување.
За децата радување.
Есента и зимата
се прегрнаа,
снегулки наврнаа.
Не знаеме
дали им е рано.
Еве ја глетката од станот.
Побелени ридовите
над градот.
Потсетка:
зимата е на прагот.
Првите траги од ловците
со загарите.
Стасуваат наврнати товари,
задоцниле дрварите.
Без палто нема излегување.
Да се знае е редно:
Нема дете што ќе прифати
во трка да е последно.
Васил Мукаетов
Река
Реката тече по својот тек,
клокоти и жубори во полн ек.
Ни носи чувство на радост
и мир,
рибите пливаат во
нејзината шир.
Се спушта од високо,
од планините,
тече по рамнините
и долините.
Се лизга меѓу гребени и гори,
ита под мостови
и на полноќ и взори.
Таа е пријател
на сите води,
гргори, се влева пенливо,
в езеро оди.
В тишина се слева оддолу,
одгоре,
право во пазувите
на своето море.
Гордана
Каракашевска
Есен во Есен
Небото се смурти,
денот стана тесен,
пожолтеа лисја –
есен е во Есен.
Јас некаде брзам,
пред ветрот бесен,
и си мислам само
на нашата есен…
Далеку на југот,
знам, веќе е есен,
и јаболка зреат
во Полог и Ресен…
Во Есен стаса есента,
овде сѐ е есенско,
само јас со мислите
сум негде во Ресенско…
Саво Костадиновски