Драги деца, денеска ексклузивно во „Колибри“ објавуваме песничка од новата збирка на Васил Мукаетов, насловена „Лево, десно, никако во тесно“, која е во подготовка.
Инаку, на нашиот почитуван соработник уште од првите броеви на „Колибри“, значи пред 66 години, во четвртокот, 27 јуни, му беше роденден, изгаси 82 свеќички на роденденската торта. И покрај тоа, Васил Мукаетов е еден од најактивните македонски автори за деца. Од богатото творештво на неуморниот писател ги издвојуваме: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“ Станува збор за читанки, збирки поезија, гатанки и раскази, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Објавува и во литературните ревии и списанија – „Стожер“, „Слово“, „Бранување“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите. Добитник е на наградата на ДПМ – „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“.


Со децата навивачи

Внимавајте на ТВ-преносите,
на екраните
пред стадионите, самите…
Да не сте ги виделе нив,
најмалите…

А тоа значи
нема натпревари
без деца навивачи.

Не сте знаеле
Извинете.
Тие со татковците
се фрли на топката!
Еве ти.
Со знамиња, дресови, амблеми,
Како навивачи.
Дури има и деца
со копачки.