Како што наближуваше Коледе, така ние децата од нашата улица сечевме и носевме гранки за коледарски оган. Смрека, зеленика, прнар и други грмушести дрвја влечевме секој ден и се прогонуваме за огнот. Веќе имавме собрано цели купишта со гранки. Сакавме и оваа година огнот од нашето маало да биде најголем.
Вечерта во селото пред Коледе во сите маала засветкаа огновите. Како и секогаш, нашиот беше најголем. Пламените јазици се извишуваа многу високо. Цела вечер стоевме околу огнот, печевме костени и игравме околу него. А кога почна да се разденува, тргнавме од куќа на куќа, заврзани со шалови, капи, и викавме тропајќи на вратите.
– Коледе, бабо, Коледе!
Вратите се отвораа и торбите ни ги полнеа со костени, јаболка и суви смокви. Потоа изморени и смрзнати се враќавме дома, но сон не нѐ фаќаше. Се радувавме на големиот верски празник Коледе.

Пени Трпковски (Од книгата „Приказни од Саракиново“)