Победничка на 24. издание на интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“ е Карла Балог од Хрватска, која освои гран при со одлука на стручното жири. За наградата одлучуваа: Милан Гнип од Србија, претседател на жирито, Адриен Јунек од Унгарија, Франклин Калиа од Малта, Александр Степанов од Украина и Јован Бицевски од Македонија.
На 24-то издание на престижната манифестација за млади таленти, кое се одржа во Националната опера и балет во Скопје, на 11 и 12 октомври, блеснаа ѕвездички од повеќе земји: Србија, Црна Гора, Словенија, Унгарија, Русија, Малта, Хрватска, Украина и од домаќинот Македонија. Ова е единствен фестивал за деца во земјава што е член на Светската асоцијација на фестивали (ВАФ).
Владееше убава атмосфера, изминатите неколку дена се создадоа многу нови пријателства и на крајот сите беа задоволни, и децата и членовите на семејствата што ги придружуваа, кои си заминаа во своите земји. Слушнавме убави песни наменети за деца и тинејџери, чии гласовни способности дојдоа до израз при интерпретацијата на убавите мелодии.
Софија Климентиева, девојче со оштетен вид од Украина, ги трогна сите со својата песна против војната, која, за жал, сѐ уште се води во нејзината татковина.
Инаку, децата пееја авторски композиции на мајчиниот јазик, но сите знаеме дека универзалниот јазик на музиката и на младоста сите го разбираат.
И годинава фестивалот имаше хуманитарен карактер.
Дел од влезниците беа донирани за домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје, како и за децата од „СОС детско село“.
– Овие донации се наш начин да споделиме љубов и радост, овозможувајќи им незаборавни моменти на нашиот фестивал на сите деца, без ограничувања. Сакаме тие да уживаат во магијата на музиката, танцот и на креативноста – велат од фестивалот.
Водителка на „Ѕвездички 2024“ беше Симона Илиеска, која успешно ги анимираше децата во публиката, па и пееја заедно.
Во изминатите години на фестивалот учествувале над 3.000 учесници од речиси сите континенти и земји од светот.

М.Т.