Од минатогодишниот фестивал „Ѕвездички“

На 8 и 9 октомври во Прилеп

На 8 и 9 октомври, во салата на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, по 22. пат ќе се одржи интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Ова е единствена фестивалска манифестација за деца во земјава членка на ВАФ (Светска асоцијација на фестивали).
Годинава ќе има 21 учесник. Најмногубројни се младите таленти од Македонија, ќе настапат десетмина млади пејачи, а ќе слушнеме и по двајца учесници од Унгарија и од Србија и по еден од Чешка, Русија, Хрватска, Бугарија, Шведска, Словенија и од Босна и Херцеговина.
– Фестивалот е вистински бренд во Македонија, кој низ годините донесе многу хитови. „Ѕвездички“ е креатор на детската музичка сцена во нашата земја – велат организаторите.
Најдобрите учесници од Македонија официјално ќе ја претставуваат државата на најголемите фестивали за деца во светот. Ка.М.