Мирисливи и слатки стихови

Здраво другари. Со мене веќе долго се дружите на страниците на „Колибри“. Меѓу сите мои патувања и дружби со вас во библиотеките и училиштата, најдов време да ја создадам и мојата градина. Многу е убаво да се има, дури и мала градина и да се произведе по нешто барем за домашните потреби. Не, не се исти оние плодови што ќе ги купиме од маркетите или од пазарите. А тоа е така, затоа што одгледувајќи ги растенијата ние им вдахнуваме дел од нашата душа и всушност разговараме со нив. Тие се радуваат што токму ние, нивните пријатели, ќе ги вкусиме и ќе им се сладиме.
Напролет се сее, а наесен се собира трудот од сработеното. Мојата градина годинава ме награди со домати, пиперки, грашок, цвекло, марулки, спанаќ, зачински растенија како нане, магдонос и рузмарин, но и цреши, јагоди, јаболка и грозје. Плодовите се храна и лек за моето семејство. Дружбата со природата ми е инспирација за многу нови песни, а и за емисијата „Градината на Филип“ што се емитува секоја среда на Радио Пела во Прилеп, а може да се гледа и преку социјалната мрежа Фејсбук.
Еве, денеска ќе ви ја претставам мојата кошничка со есенски плодови набрани од градината и заеднички ќе уживаме.

Ваш Ф. Димкоски


ГРОЗЈЕ

Убаво родило годинава нашето лозје,
полно е со црно и со бело грозје.
Тој што нема грозје,
нека сврати во нашето лозје,
нека набере колу што сака,
но, нека се чува од ќосот
што во гранките грака.


КРУША

Кантарки, мариовски и боздонки
меки и шербет благи како бонбонки,
крушите есенски убави се за секаква намена,
на нивниот мирис и вкус им нема замена.


МУШМУЛИ

Кафеави топчиња со вкус
што не личи на ништо друго,
имаат плотдче вкусно,
но многу тврдо.

Дури откако мраз ќе ги фати,
треба да се јадат,
ем да нѐ освежуваат
ем да нѐ сладат.


ЈАБОЛКО

За забите, за срцето
најдобро сум
како оброк пресен,
цели градени
со мене
се зададени во Ресен.
Сочно сум и благо,
зрелост збирав летово
во разни бои сум распослано
од Преспа, па до Тетово.


ЦВЕКЛО

Се јаде коренот што личи на топка,
а листовите му ги јадеме ретко,
корисен зеленчук е многу
неговото величество – Цвекло.
И свежо и кисело се јаде,
а јас му го сакам оној вкус
кога со морков и јаболко
цвеклото се меша во џус.


КАЛИНКА

Однадвор топчеста и мазна,
си велиш, внатре е празна.
Но внатре од црвенило
се жари,
полна е со безброј
зрнца мали.
Можеби нема да те
спаси
од глад,
кој јаде калинки
– секогаш
е млад.


ПИПЕРКА

Есента би го изгубила сиот свој дар,
ако секоја улица не мириса на ајвар,
црвените пиперки тука се главни
со ајвар ќе ги наранат детските усти гладни.
Топло лепче, сиренце и ајварче пресно
тоа е мирис на есен и мирис на детство.