Учениците од ООУ,,Видое Подгорец“ во Колешино го кренаа гласот:

Терминот лек во науката се користи за производи од растенија, животни и од минерали што имаат лековити својства.
Во обичниот говор овој термин се користи за наркотични дроги, супстанции што се психоактивни и ја менуваат состојбата на свеста, расположението и однесувањето.
Кога тие се внесуваат често, можат да предизвикаат зависност.
Тие имаат многубројни несакани и штетни ефекти, па затоа
производството и трговијата со овие супстанции се строго контролирани од државата.
Дрогите уништуваат милиони животи секоја година.
Најголем број ги зафаќа младите, децата, кои се љубопитни или излажани од други лица, кои потоа стануваат зависни и тешко може да се одвикнат. Додека младиот човек од љубопитност или незнаење се впушта во тој круг, другите печалат на неговата мака и здравје. Дрогата ги уништува здравјето, младоста, убавината, талентите и др.
Таа негативно влијае на целото тело, како и на сите внатрешни органи, кои ги уништува.
Ние децата треба да ги слушаме нашите родители кога ни даваат совети, кога нѐ подучуваат да внимаваме секојдневно со кого да се дружиме, како да реагираме кога некој ќе ни понуди такви супстанции.
Треба да бидеме свесни каква штетност може да ни предизвикаат и да ни го уништат целиот живот.
Јас сум свесна за последиците од дрогата бидејќи моите родители ми објаснуваат секојдневно. Од училиштето се информираме, од нашите наставници, од медиумите добиваме различни информации.
За сите деца непознати и познати на овој свет посакувам никогаш да не го допрат синџирот на дрогата – затоа што тој синџир продолжува со други уште потешки алки: проституција, крадење, уништено здравје поради сида и др. Да го живееме овој наш детски живот со сите убавини во него!

Каја Пецев, седмо одделение


Ќор-сокак од кој нема излез

Современиот начин на живот носи и нови предизвици. Социјалните мрежи, модерните телефони и интернетот нѐ воведуваат во свет што на прв поглед е интересен и привлечен, но зад секоја убавина стои и скриена замка. Една таква замка е и дрогата! Колку пати сме гледале и читале на телевизија и на интернет дека некој музичар, глумец, глумица си го одзеле животот? Се лекувале од депресија или од друга болест, а всушност тие биле во канџите на дрогата и на крајот завршувале со тажен крај. Ние, децата на оваа моја возраст, добиваме податоци и информации најчесто од дома, а потоа и од педагошко-психолошката служба во нашето училиште. Но и нашите наставници постојано ни зборуваат и нѐ опоменуваат со совети, разговори, различни презентации и сл. Слободно би рекла дека љубопитноста е најголем предизвик за еден млад човек да проба дрога или, пак, сигурноста дека од еднаш не се станува зависник!
Дрогата е само ќор-сокак од кој нема излез и нема волшебно стапче со кое би се решил проблемот од дрогата. Таа ќе го уништи секого и физички и психички, а особено финансиски. Животот е многу убав за сите луѓе на светот! Да не посегнуваме по дрога! Кажувам – не за дрогата во кој било облик!

Ана Арсова, седмо одделение, ООУ,,Видое Подгорец“ – Колешино
Ментор: Атина Манчева