Годинава заедно со кавадаречките деца, велигденски јајца вапсуваа и деца од Данска, Португалија и од Бугарија, кои беа во посета на Кавадарци, во рамките на програмата „Еразмус плус“
Манифестацијата „Шарени велигденски јајца“ традиционално во Кавадарци
И годинава, манифестацијата „Шарени велигденска јајца“ традиционално на Велики четврток ја организира домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Учествуваа учениците од основните училишта во градот: „Гоце Делчев“, „Димката Ангелов Габерот“ и „Тоде Хаџи Тефов“.
Во рамките на креативната работилница, учениците насликуваа велигденски јајца, во прекрасна натпреварувачка атмосфера, полна со креативност и убаво расположение, под менторство на наставниците по ликовно воспитување Горан Боев од „Димката Ангелов Габерот“ и Ќиро Јошев од „Гоце Делчев“. На крајот нивните дела беа изложени и можеа да ги видат голем број посетители.
Но она најинтересното што се случи на оваа манифестација е што, по игра на случајноста, токму во овој период основното училиште „Гоце Делчев“, уште еднаш во рамките на програмата „Еразмус плус“, беше домаќин на ученици и наставници од Данска, Португалија и од Бугарија. Од координаторката Милка Мркева, наставничка по англиски јазик во ОУ „Гоце Делчев“, дознавме дека нивниот проект е на тема „Драма и глумење“ и досега биле организирани повеќе работилници во Бугарија, Полска и во Данска на кои учениците имале можност да ги збогатат своите сознанија за театарот и актерската игра на сцена.
На првиот ден од работилницата што се одржа во Кавадарци учениците имаа можност да научат нешто повеќе за пантомимата и театарот на сенки, и тоа на сцената на кавадаречкиот театар во домот на културата „Иван Мазов Климе“, под менторство на Микица Илова. Во рамките на работилницата, учениците пишуваа дијалози, кои подоцна ги глумеа на театарската сцена и барем за миг ја почувствуваа магијата на актерскиот живот.
Истовремено, со посетата на Домот на културата и на театарот, децата гости имаа можност да се запознаат и со нашата традиција на вапсување јајца за Велигден. На завршната изложба, на крајот од манифестацијата „Шарени велигденски јајца“, беа изложени и јајцата изработени од учениците од Данска, Португалија и од Бугарија. Оваа изложба покажа дека детската креативност нема граници, без разлика од која држава доаѓаат.
На најкреативните ученици стручното жири им додели дипломи и признанија за вапсаните јајца.