Во неделата децата од повозрасните групи од детските градинки „Олга Мицеска“ и „Ластовички“ од Кичево ги посетија новата општинска зграда и градоначалникот Фатмир Дехари. Дечињата пред влезот ги пречека таткото на градот и им посака добредојде на младите гостинчиња, ракувајќи се поединечно со секое од нив.
– Првите гости во новиот објект на Општина Кичево и градоначалникот Фатмир Дехари беа дечињата од нашите детски градинки „Олга Мицеска“ и „Ластовички“, кои во придружба на своите воспитувачки и раководство во целост го разгледаа новоизградениот објект. Децата одушевени од новиот општински објект и преполни со убави впечатоци, беа презадоволни што имаа можност да се сретнат со градоначалникот Фатмир Дехари, кој детално ги информира за работата и важноста на општината на локален план. Средбата беше реализирана во новата сала, каде што ќе се одржуваат седниците на Советот, а градоначалникот на децата им подари едукативен материјал – истакна Садик Ахмети, директор на детските градинки во Кичево.
Крајот на оваа средба беше збогатен и со повеќе заеднички фотографии, а дечињата полни со впечатоци ја напуштија Општината и се упатија во своите градинки. З.А.