Членовите на новинарскиот клуб „Визија“, кој работи во рамките на СОУ,,Богданци“ во Богданци, на 4 март имаа можност да дознаат информации за новинарството од прва рака. За својата професија им зборуваше Љубчо Алексовски, познат радио и телевизиски новинар, кој повеќе од 20 години живее и работи во Гевгелија. Зад него се ангажмани во весникот „Добар глас“, во ТВ Миг, ТВ Нова 12, а беше и портпарол на Општина Гевгелија. Тој своето искуство го пренесе и во книгата „Гевгелија за почетници“. Во неа забележал сто интересни приказни што би требало да ги знае секој што првпат ќе дојде во Гевгелија.
Во моментот Љубчо е ангажиран како дописник на весникот „Вечер“ од Гевгелија, а исто така објавува свои текстови и на страниците на „Колибри“ и се надеваме дека ќе биде така и во иднина.
Средношколците со големо внимание ги проследија споделеното знаење и лично искуство во новинарството на Алексовски.
– Ми беше чест и задоволство што се запознав со учениците, членови на новинарскиот клуб „Визија“ при СОУ „Богданци“ од Богданци, и имав можност да им ги пренесам моето познавање и долгогодишно искуство од областа на новинарството. Тие ме вратија во времето кога јас на нивна возраст започнав да се интересирам и да работам во електронските и печатените медиуми, а јас ним им ветив дека ќе ја имаат сета моја поддршка при подготовката на нивниот електронски весник – вели Алексовски.
Во еден наш разговор тој ни откри дека „еднаш кога ќе ти се пикне новинарството под кожа, како некој крлеж, тешко може човек да се ослободи од него и оти новинарот пишува и создава додека е жив“. Сигурни сме дека искуството на Алексовски ќе им биде поттик на младите да тргнат по неговите стапки, а ние со нетрпение ја чекаме неговата втора книга. М.Т.