Ексклузивно во „Колибри“ објавуваме дел од збирката раскази за деца со работен наслов „Во гардероберот“ на писателот Трајче Кацаров, која е во подготовка
Од бележникот на писателот Трајче Кацаров
Мојата љубов кон училиштето може да се опише на многу едноставен начин. Кога ќе се кренеше температурата на воздухот, поточно кога ќе зачекоревме во крајните денови на месецот мај, односно во почетните на јуни, се ладев. Кога, пак, ќе почнеа да се намалуваат температурите на воздухот, на крајот од август и почетокот на септември, почнував да вријам. Сето тоа беше резултат на мојот апетит за голтање букви. На крајот од учебната година, како и славниот писател Џек Лондон, добивав мачнина од прејаденост. Станува збор за прејаденост од букви. Маката ме тераше да барам време во кое ќе му го свртам грбот на оброкот од букви. Постот никогаш не ми траеше подолго од летото. Поточно, штом ќе наближеше есента, повторно ми се јавуваше гладот за букви. Тогаш ми растеше и температурата. Вриев од љубов кон училиштето.
Така, мојот буквоглад беше моето ѕвонче, кое го означуваше степенот на мојата љубов кон училиштето.